Поради дополнителни консултации, координативната средба за собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата е прекината и ќе продолжи во 13 часот.
На координацијата се уште не е постигнат договор за претседател на Комисијата. Утврден е само бројот на членовите со кои парламентарните групи ќе бидат застапени во неа.
Согласно договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и именувањата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден чен.
Координативната средба почна завчера. На вчерашното продолжение беше одлучено да се одложи за денеска. Претставниците на парламентарните групи останаа на истите ставови поради што се уште не е постигнат напредок во разговорите за претседател на Комисијата.
Утврдување на предлогот за составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.