Собранието на Република Македонија ќе ја продолжи утре конститутивната седница на која пратениците расправаат по изборот на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Продолжението утре и сите наредни, како што се договориле парламентарните партии на работната средба што се одржа на паузата, ќе почне во 11 часот.
Оливер Спасовски од СДСМ по паузата истакна дека пратениците покажуваат една крајна недоследност во почитувањето на Деловникот, и злоупотребата на процедуралниот институт и на реплицирањето.
„Да ставиме крај на сето ова и да имаме некаков нормален тек на седницата, да се знае за што разговараме“, рече Спасовски и додаде дека Собранието треба да продолжи да работи затоа што тоа е во интерес на граѓаните.
Едночасовната пауза претседавачот, Трајко Вељаноски ја даде по барање на координаторот на пратеничката група БЕСА, Африм Гаши кој побара да се одржи работна средба на претставници на парламентарните партии за да се договори текот на работата на седницата.
Попладневно во дебатата преовладуваа дискусии околу тиранската платформа и употребата на јазиците. Претениците од ВМРОДПМНЕ побараа од пратениците на СДСМ да го претстават договорениот закон за јазиците со албанските партии во земјава, додека од СДСМ забележуваа дека треба да се дебатира за составот на Комисијата. На оваа седница на дневен ред е и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.