Бизнис план натпревар во рамки на Платформата за енергетска ефикасност

Студентите од економските и техничките факултети ќе се натпреваруваат во изработка на бизнис план со посебен осврт на енергетска ефикасност. На конкурсот што ќе биде објавен од денеска ќе можат да учествуваат сите студенти од техничките и економските факултети од која било која студиска година. Студентите ќе можат да се пријават за учество во форма на тимови од минимум две и максимум шест лица.

Доставените решенија од страна на студентите ќе ги разгледува стручна комисија. Најдобрите три проекти ќе бидат наградени со парични награди во вредност од 30.000, 18.000 и 9.000 денари.

Натпреварот за изработка на најдобар бизнис план е дел од активностите во рамките на Платформата за енергетска ефикасност што ја организираат ЕВН и Министерството за економија.

„Како енергетска компанија ние работиме интензивно на примената на енергетската ефикасност, особено во реалниот сектор. Но, за да имаме поголема практична примена неопходна е едукација, особено кај најмладите кои во иднина ќе бидат носители на развојот во економијата. Затоа овој натпревар е важен, бидејќи ќе отвори една нова димензија на размислување која треба да стане редовна пракса во следниот период“, изјави Вернер Хенгст, претседател на Управниот одбор на ЕВН.

За реализација на натпреварот за најдобар бизнис план, се вклучија тимот на Енергетска азбука и студентските организации IAESTE и AIESEC кои ќе дадат техничка и логистичка поддршка за реализација на овој проект. Сите заинтересирани студенти ќе може да аплицираат за учество во една од двете студентски организации или на интернет страницата www.energetskaazbuka.mk. За пријавените студенти ќе се организира и кратка обука од стручно лице за критериумите за изработка на бизнис планот.

Министерството за економија преку неколку програми работи на зголемената примена на енергетската ефикасност во реалниот сектор. Според Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност и Акциониот план за енергетска ефикасност се предвидува зголемување на енергетските заштеди за девет отсто до 2018 година. За постигнување на овие цели се преземаат низа мерки, за што се предвидени околу 400 милиони евра за период од девет години, односно до 2018 година.

„Енергетската ефикасност е клучна за зголемување на конкурентноста на компаниите на домашните и странските пазари, но и за подобрување на продуктивноста и оптимизацијата на трошоците. Освен редовните програми за креирање на развој во овој сегмент дополнително ќе придонесат и средствата од кредитната линија на ЕБОР од 75 милиони евра за земјите од Западен Балкан, наменети токму за енергетска ефикасност“, истакна министерот за економија Ваљон Сараќини.

Министерството за економија и ЕВН Македонија во 2012 година ја започнаа „Платформата за Енергетска ефикасност“, а целта беше подигнување на свеста и примената на енергетска ефикасност пред се во реалниот сектор. Во рамките на оваа платформа се одржа едукативна работилница за медиумите и за компаниите. Според последните податоци над 30 отсто од компаниите веќе применуваат енергетски ефикасни технологии. Дел од оваа платформа е и едукативната емисија „Енергетска азбука“. Платформата за енергетска ефикасност беше позитивно оценета и во извештајот на Европската комисија за Македонија, во која беше забележано дека на полето на енергетската ефикасност направен е сериозен напредок.