Продолжува конститутивната седница на Собранието

Ова е петти ден од расправата во собранието по точката од дневен ред околу избор на составот на комисијата за избори и именувања, по која следува избор на претседател на собранието.

И во текот на вчерашната расправа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа нови избори или откажување од тиранската платформа.

Пратениците на СДСМ изјавија дека нема тиранска платформа, туку како што истакнаа реформска програма на владата.

– На СДСМ не му е услов да формира влада прифаќање определена платформа, основ за формирање на парламентарно мнозинство и за владата е програмата на владата што ја промовираше СДСМ, изјави Петре Шилегов.

Пратеникот Крсте Муковски од ВМРО-ДПМНЕ пак побара СДСМ да кажат дали и што прифатиле од платформата, и се повика на изјава на Артан Груби дека ДУИ ги дале потписите со услов да се исполнат точките од платформата и законот за јазиците.