
Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов денеска на прес-конференција истакна дека нова реформска влада ќе има и таа влада како што е предвидено во нејзината Програма, ќе спроведе темелни реформи во судството и во обвинителството и ќе обезбеди независен судски систем и правда за сите. Според него тоа е мнозинската волја на граѓаните и таа ќе се преточи во институциите на системот.
– Новата реформска влада, веднаш по изборот ќе предложи продолжување на рокот во кој Специјалното јавно обвинителство може да покренува обвиненија, за расчистување на скандалот со прислушувањето и понатамошна борба против корупција, криминал, злоупотреби на власта, рече Шилегов и додаде дека веднаш ќе ги донесат измените на Законот за заштита на сведоци кои ги побара СЈО, за да овозможиме квалитетни истраги и одговорност за сите криминали и злоупотреби.
Новата влада, како што додаде, ќе обезбеди поширока поддршка и мнозинство за воведување специјализирано одделение во судот, за постапување по предметите што се во надлежност на СЈО.
– Ќе има реформи на Судскиот совет, како и измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите. Квалитетот и ефикасноста на судиите ќе се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки, истакна Шилегов.
Тој додаде дека ќе следуваат и темелни реформи во Јавното обвинителство.
Ги повика сите вработени во јавните установи и правосудниот систем да бидат свесни за нивната одговорност и историскиот момент во кој живееме.
– Секој мора да ја работи својата работа професионално, неселективно и според законите и да не се става во заштита на криминалот и криминалците, рече Шилегов.
– Укажуваме дека мнозинската волја на граѓаните ќе се испочитува, ќе се избере претседател на Собранието што ќе отвори пат за брз избор на новата реформска влада на граѓаните и Македонија ќе биде правна држава, потенцира на прес-конференција портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.