Осомничениот атентатор во Санкт Петербург е од Киргистан

Руски државјанин со потекло од Киргистан можеби стои зад експлозијата во понеделникот во метрото во Санкт Петербург, во која загинаа најмалку 11 лица, рече Рахат Сулаиманов, портпарол на киргистанскиот Државен комитет за национална безбедност (ГКНБ).

 

Осомничениот атентатор самоубиец Акбаршон Џалилов е роден 1995 година во градот Ош, изјави денеска портпарол на киргистанската тајна служба ГКНБ. Од Киргистан се вели дека тој „веројатно“ имал и руско државјанство.

Во експлозијата во метрото во Санкт Петербург вчера загинаа 14 луѓе, а над 50 се повредени. Според наводи на руската тајна служба ФСБ, експлозијата се случила во 14:40 часот по локално време, во воз кој бил на релација меѓу станиците Сенаја Плошчад и Технолошки институт во центарот на Санкт Петербург. Непосредно потоа, во метро-станицата на Плоштадот на востанието е пронајдена бомба од рачна изработка која е „навремено деактивирана“, соопштија властите за борба против тероризам.

Досега одговорност за нападот нема преземено никој.

Сите можни причини се разгледуваат, вклучувајќи и тероризам, изјави рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот по инцидентот.

„Секако, ќе ги разгледаме сите варијанти, обични, криминални, а првенствено тие од терористичка природа“, рече тој.

Истражниот комитет на Русија почна истрага за да утврди дали експлозијата е терористички акт.