
Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, ќе се обрати на свеченото отворање на 20. Евроазиски економски самит, што годинава се одржува на тема „Човештвото на крстосница“, а ќе има обраќање и на претседателската сесија на самитот.
Ова е седмо учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум, што од 1998 година се организира секоја година. Годинава е најавено присуство на актуелни и поранешни државници, претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.
Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Фондацијата активно е вклучена во јакнење на економските врски, подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.