Иванов за ХРТ: За се’ треба да се разговара, но да се знаат интересите на државата

Сите албански политичари кои поаѓаат од интересите на Република Македонија се конструктивни соговорници и секој што поаѓа од интересите на граѓаните што живеат во Македонија. За се има решение ако се разговара, ако има дијалог. Ако вие немате дијалог, како ќе дојдете до решение. За се треба да се разговара, па и за сите прашања што тие сега ги отвораат со платформата. За се’ треба да се разговара, но да се знаат кои се интересите на државата, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХРТ, на прашањето кој е конструктивен партнер од албанскиот блок со кој може да се разговара за излез од политичката криза.

– Никој не посакува војна, или пак конфликт. Затоа што нема семејство во Македонија кое не страдало од двете балкански војни, светските војни, студената војна, конфликтот во 2001 година.  Затоа и протестите што сега се случуваат се толку мирни и достоинствени, што никој не спомнува било каква состојба на конфликт, додава Иванов.

На прашањето како ги коментира одредени написи за редефинирање на Балканот по пат на вооружен конфликт, како и заканите по опстојувањето на македонската држава, претседателот Иванов оценува дека таквите географски мапи се проекција на желби, а не на реалност.

– Ништо ново од тоа. Во кризни моменти, пак се враќаат старите приказни, стари мапи и стари карти за да ве заплашуваат. Македонија опстојувала и кога немала своја држава. Сега кога имаме своја држава настојуваме да си ја сочуваме својата сопствена држава.  Затоа, грижата за државата и државниот интерес се приоритет при секоја одлука која се носи од моја страна, изјави претседателот Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХРТ.

Македонскиот претседател во телевизиското интервју ја образложува тиранската платформа и ги изнесува своите ставови за политичката состојба во земјата и можните решенија за излез од кризата.

Во однос на платформата од Тирана, Иванов вели дека нејзината намера е албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот и да се промени уставниот амандман кој произлегува од Охридскиот рамковен договор, согласно кој, заедниците во Македонија своите права ги добиваат врз основа на нивната застапеност од 20 насто во државата.

-Значи интенцијата на платформата од Тирана е тие 20 проценти да се променат, албанскиот јазик да биде ист со македонскиот. И со тоа се ускратуваат стекнатите права што ги има во Македонија.  Бидејќи, Турците имаат општина каде службен јазик е турскиот јазик. Училиштата се на турски јазик. Ние имаме ромска општина, каде што ромскиот јазик е службен јазик, службениот весник е на ромски, школите се на ромски јазик, исто така и Србите имаат општина на српски јазик. Така што, со платформата од Тирана тие права би припаднале само на една заедница. Само Албанците би имале права, вели Иванов.

Запрашан како ги коментира заговорите за конфедерација на Македонија, Иванов одговара дека тоа е она што ги предизвика илјадници граѓани повеќе од месец дена да се на улиците.

-Со таа тиранска платформа, Македонија престанува да постои таква како што ја знаеме. Затоа што со таа биетничност и бијазичност што се промовираат, ние имаме два сегменти во Македонија кои се и етнички и религиозно и јазично различни. Се јавува длабок расцеп. Тогаш, граѓаните со сигурност се сомневаат во намерите на тие што ја подготвувале таа платформа. Целта не е да се обедини Македонија, туку Македонија да биде преодна фаза во создавање, можеби ќе кажам потежок збор, на трета албанска држава, изјави македонскиот претседател во интервјуто за ХРТ.

На прашањето како и дали ЕУ може да помогне во решавањето на политичката криза во Македонија, Иванов вели  дека на министерскиот совет е отворено прашањето за платформата од Тирана, но тоа јавно не се соопштува.

-Не можат јавно да ја осудат, затоа што би настанале и проблеми за главниот актер, односно за Еди Рама. Во Албанија би било проблем кога тој би се повлекол од таа платформа. Така што состојбата е сега многу покомплексна отколку што беше претходно, изјави Претседателот.

За тоа како гледа излез од политичката криза и дали нови избори би претставувале решение, македонскиот претседател вели дека состојбата на некој начин сега е блокирана, но и дека влијанието на надворешните актери е премногу силно.

Затоа треба здрав разум, да се седне и да се разговара. Затоа што секогаш се можни решенија, вели Иванов и додава дека тој како претседател досега учествувал во изнаоѓањето на две такви решенија, посочувајќи ги лидерските средби и им порача на парламентарните партии дека мора да најдат начин прво да изберат претседател на Собранието за да се отстрани правната пречка за определување на мандат.

-Потоа, да се каже дека приоритет се европските реформи, а не туѓи платформи. Тие туѓи платформи доведуваат да се создаде Влада која што ќе биде уценета и која нема да ги исполнува барањата на граѓаните. Во Македонија имаше над 90 проценти поддршка за Европската унија. Сега, таа се сведува на 70 насто. Продолжи да паѓа, затоа што се гледа немоќта да се најде решение, бидејќи се бавиме со последиците, а не со причините, вели Иванов предупредувајќи за последиците од кризата и можно нејзино пресликување и во други земји кои се во слична состојба.

Во интервјуто за ХРТ, претседателот Иванов меѓудругото говори за лидерот на СДСМ Зоран Заев, за мигрантската криза, за заканите по опстојувањето на македонската држава, за односите со Москва и Вашингтон, како и за односите на Македонија со Грција низ призма на спорот со името.