
Десетици илјади Унгарци протестираа во центарот на главниот град Будимпешта денеска против нов закон кој ќе го принуди Централниот европски универзитет во земјата, кој е основан од американскиот финансиер Џорџ Сорос, да се пресели зад граница, соопшти агенцијата Ројтерс.
Предлог-законот, усвоен во парламентот оваа недела од владејачката десничарска партија Фидес, има за цел токму овој универзитет, поставувајќи бројни нови услови, по кои тој мора да работи. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ја предводи Фидес, е критичар на либералните граѓански организации финансирани од Сорос.
Новиот закон предизвика критики од страна на стотици водечки научници, како во светот, така и поконкретно од Соединетите Американски Држави и Европската унија.
Унгарскиот претседател Јанош Адер до понеделник треба да го потпише документот за да го претвори во активен закон. Демонстрантите изјавија дека сакаат да го убедат Адер да го отфрли предлог-законот.