Швајцарската аукциски куќа Koller на наддавање во Цирих ја понуди неодамна откриената партитура којашто своерачно ја напишал композиторот Феликс Менделсон на 21-годишна возраст, а се очекуваше цена меѓу 120.000 и 160.000 швајцарски франци.
Станува збор за партитура на две арии и рецитатив од „Маките по Матеја“ од Јохан Себастијан Бах чиишто ноти по сеќавање ги запишал Феликс Менделсон за време на престојот кај пријателката Агнес Шубринг чиишто глас и слух го фасцинирале.
Менделсон бил голем композитор, пијанист, органист, диригент, педагошки работник и организатор. Уште во раната младост ги засакал делата на Бах, и добро ги проучувал и често ги изведувал.
Меѓутоа, Бах во периодот на романтизмот бил речиси заборавен. Неговиот полифониски стил веќе не бил омилен.
И покрај тоа, Меделсон се одлучил на смел потфат. Во 1829 година, на своја 20-годишна возраст и сто години по праизведбата во Берлин, организирал изведба на баховото дело „Маките по Матеј“, дело коешто повеќето современи музички критичари го сметаат за едно од најголемите во историјата на музиката.
Тогаш започнала таканаречената „Бахова ренесанса“, којашто повторно го заживеала творештвото на Јохан Себастијан Бах.
Поради музичката зрелост забележана во раното детство, Менделсон многумина го сметаат за еден од најталентираните композитори на романтизмот, според генијалноста многу блиску до Волгфанг Амадеус Моцарт.
Се вбројува меѓу големите претставници на германскиот музички романтизам од првата половина на XIX век. Еден негов современик наводно изјавил: „Нема друг Бог освен Бах, а Менделсон е неговиот пророк“.