Пред стотина година Соединетите американски држави им објавија војна на Германија и на нејзините сојузници и влегоа во Првата светска војна. Со тоа започна претворањето на изолационистчката и пацифичка земја во глобална воена суперсила која интервенира и има интереси на секоја точка од планетата.
„Влегувањето во Првата светска војна на 6-ти април 1917 година претставува јасна пресвртница во развојот на новата глобална улога на Соединетите држави“, смета професорката по историја Џенифер Кин од Универзитетот Калифорнија.
Американците внимателно следеле што се случува од другата страна на Атлантикот, откако во август 1914 година во Европа избувна дотогаш најкрвавиот судир на европските сили, меѓутоа американското јавно мнение и политичарите еднодушно заговарале неутрален став во големата војна.
Таквиот став првпат е доведен во прашање по потопувањето на прекуокеанскиот патнички брод „Луизитанија“ кого германска подморница го торпедирала во близина на ирскиот брег во мај 1915 година. Меѓу 1.200-те загинати патници и членови на екипажот, 128 биле Американци. Тогашниот американски претседател Вудроу Вилсон, меѓутоа, добил ветување од германските власти дека ќе ги ограничат своите подморнички напади на воени бродови и продолжил да ја заговара неутралноста, па дури и победил на претседателските избори во 1916 година со слоганот Америка „ја сочувал од војната“.
Сепак, на почетокот од 1917 година три настана го променија тој план на воена неутралност на САД.
Првиот е кога британската тајна служба пресретнала во јануари споменатата година телеграма на германскиот министер за надворешни работи Артур Цимерман во коешто му дава инструкции на германскиот амбасадор во Мексико на тамошните власти да им предложи воен сојуз и влегување во војната на страната на Германија. Германците на Мексиканците им нуделе враќање на териториите кои ги загубиле во претходните војни со Американците, вклучително и сојузните држави Тексас, Аризона и Ново Мексико.
Вториот е кога Германците во февруари таа годна продолжиле да ги напаѓаат трговските бродови во водите на Атлантикот, надевајќи се дека ќе ги прекинат патиштата за снабдување и оти ќе ја прегладнат Велика Британија. Меѓу другите, биле потопени и три американски бродови. Германскиот адмирал Едвуард фон Капеле изјави тогаш пред членовите на парламентарната комисија во Рајхстагот дека „Американците нема да дојдат, бидејќи германските подморници ќе ги запрат на патот. Затоа Америка од воен аспект не значи ништо и уште еднаш ништо и заклучно ништо“.
Меѓутоа, јавното мнение во Америка во меѓувреме брзо и остро се променило, а претседателот Вилсон ја покренал големата пропагандна машинерија. Германците се прикажувани како диви Тевтонци, во училиштата престанало изучувањето на германскиот јазик, а многу Американци од германско потекло ги американизираат своите презимиња, па така Шмид станувал Смит, а Мелер станувал Милер.
И, на крајот, третиот настан е кога во март 1917 година Русија ја зафатила револуцијата и хаосот, а царот Николај Втори морал да отстапи и да ја предаде власта на привремената влада. „Николај бил личност која речиси сите Американци ја мразеле и тешко било да биде прифатен за сојузник“, коментира Мајкл Нејберг од Американскиот воен колеџ.
Така, на барањето на претседателот Вилсон, која започнал да тврди сега дека Германија е во војна против човештвото, американскиот Конгрес на 6-ти април 1917 година изгласал влегување на САД во војната. Со тоа се менува текот на историјата и е подготвена сцената Америка да стане глобална сила.
„Вилсон бил уверен дека светот ќе го направи подобро место. Бил убеден дека Господ е на неговата страна“, вели историчарот Мајкл Казин од Џорџтаун. Вилсон тврдел дека со влегувањето во војната за Америка не бара ништо и дека неговите цели се идеалистички – мир во светот и ослободување на народите, вклучително и на германскиот.
Американската армија, којашто не војувала дотогаш во голема војна со децении, во почетокот била слабо подготвена за војување. Француските и британските инструктори поитале преку Атлантикот за да помогнат во нејзината обука.
Американците за почеток во војната испратиле само 14.000 војници. Ги водел прославениот генерал Џон Першинг. Германскиот генералштаб проценил дека силите на американската војска се споредливи „некаде со оние на Белгија или Португалија“. Но, тоа била, како што ќе се покаже подоцна, кобна грешка. До крајот на војната, односно германската капитулација во ноември 1918 година, американската воена машинерија се зголемила на четири милиони луѓе.
„Нема никакви сомневања дека американскиот придонес во победата (во Првата светска војна) бил клучен. Меѓутоа, нема ниту никакво сомневање и дека таа победа не би била постигната доколку ги немаше Французите и Британците“, вели Кин.
Поради воено производство процутела и американската економија. До крајот на 1918 година станала повеќекратно помоќна од која и да е со војната опустошена предвоена сила.
А војната од своја страна ја отворила новата американска дебата, дали за американските интереси би било подобро САД да дејствуваат низ меѓународните организации, како тогаш нереализираната Лига на народите којашто претседателот Вилсон ја предложил во своите 14 точки, или да работат самите?
Имено, тоа е полемиката којашто трае сé до денес. Сепак, едно е сигурно: влегувањето на Соединетите држави во Првата светска војна и преземањето на улогата на светски полицаец, претставувала историска промена со последици коишто се очигледни и денес.