
Ракометарите на скопски Вардар победија во саботата во првиот четвртфинален натпревар на гости ја Фленсбург со 26:24, со што ги отворија вратите за пласман на турнирот на четирите најдобри екипи во Лигата на шампионите кој ќе се игра во Келн.
Вардаровите ракометари концентрирани и сигурно го започнаа натпреварот, запирајќи го брзиот напад на Фленсбург, и имаа почетно водство од два гола разлика (3:1). Во следните десет минути, благодарејќи на сигурноста што на соиграчите им ја дадоа одличните одбрани на Арпад Штербик, скопските ракометари постојано ја зголемуваа предноста и во 19 минута веќе имаа пет голови предност (10:5), а во 23 минута ја зголемија на шест голови, и тоа кога на теренот беа со играч помалку поради исклучувањето на Илија Арбутовиќ, и кога Тимур Дибиров украде топка во одбраната и сигурно самиот ја реализираше контрата за 12:10.
До крајот на првото полувреме домашните не успеваа да најдат решение за одбраната на Вардар којашто постојано се трансформираше од 6-0 во 5-1 и на одморот се замина со водство на македонскиот шампион од 15:9. Но се чини големиот број технички грешки на вардарци во првиот дел (осум), придонесе разликата да не биде поголема.
Сигурната игра на Вардар продолжи и на почетокот од второто полувреме, а веднаш предноста беше зголемена на седум голови (16:9), а оваа разлика ја одржуваа до 36 минута (17:10).
Сепак, упорните играчи на Фленсбург како да сфатија што им се случува и набрзо направија серија од три гола (17:13),а во продолжението од мечот продолжија со силниот притисок врз противникот. Вардар успеваше да се спротистави на овој напад и следните десетина минути се играше гол за гол, па така до 45 минута ја задржаа предноста од четири голови (23:19).
Но на десет минути до крајот Фелнсбург успеа да го намали заостанувањето на само два гола (21:23), кога вардаровите играчи шест минути не постигнаа погодок. Алекс Дујшебаев и Тимур Дибиров веднаш потоа погодија и разликата на осум минути до крајот повторно ја вратија на четири голови (25:21). Во 55 минута повторно домашните намалија на три гола, а исклучувањето на Борозан им овозможи да ја намалат предноста на Вардар на два гола (24:26). На сцената тогаш стапија двата голмана, домашниот Мелер и вардаровиот херој Штербик кој со својата 16-та одбрана на мечот овозможи неговиот тим на реваншот во Скопје, кој ќе се игра во четврток 27 април, да влезе со два погодока предност.
Кај Фленсбург и воедно на мечот беше најефикасен Јохан Јаобсон со шест голови, го следеа неколку соиграчи со по четири голови. Во составот на Вардар беа Лука Циндриќ, Алекс Дујшебаев и Тимур Дибиров со по пет голови, а Арпад Штербик го заврши мечот со 16 одбрани и беше клучниот играч за победата на македонскиот шампион.