Германските власти уапсиле државјанин на Швајцарија под обвинение дека за разузнавачката служба на својата земја во Германија ги шпионирал даночните иследници коишто се занимаваат со случаите на затајување на данокот од германските државјани во соседна Швајцарија/
„Мојот клиент по налог на Швајцарската разузнавачка служба (NDB) шпионирал во Германија“, изјавил во неделата адвокатот на Даниел М., кого припадниците на Германското биро за борба против криминалот (BKA) го уапсиле уште во петокот во еден хотел во Франкфурт на Мајна.
Како што рекол натаму адвокатот на уапсениот во разговорот за швајцарскиот дневен весник Sonntags Blick, целта на шпионските активности на неговиот 54-годишен клиент било да дознае кои даночни иследници во Германија во 2010 година учествувале во купувањето на ЦеДе-ата со податоците со сметките со сметките на германските државјани кои во швајцарските банки ги депонирале парите и така го избегнувале данокот.
Германското државно обвинителство го потврди пишувањето на медиумите,наведувајќи само дека во случајот на уапсениот станува збор за „шпион на една странска сила“.
Германскиот дневен весник Die Welt пишува дека станува збор за личност којашто дејствувала во рамките на германскиот финансиски сектор.
Швајцарското министерство за надворешни работи потврдило за агенцијата Reuters дека добило информација за апсењето на еден швајцарски државјанин, но одбило натаму да коментира.
Министерот за финансии на најнаселената германска сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Норберт Валтер-Борјанс, кој во 2010 година го иницирал купувањето на вкупно 11 ЦеДе-а со податоците за германските државјани кои во Швајцарија ги криеле парите од даночната управа, изразил запрепастување од вестите за апсењето на осомничениот швајцарски шпион.
„Доколку оваа приказна се покаже вистинита, тогаш имаме еден поприлично голем скандал“, рекол Валтер-Борјанс за Reuters.
Покраината Северна Рајна-Вестфалија му платила на анонимен доушник вкупно 18 милиони евра за податоците. Но истовремено од даночните затајувачи дополнително собрала 11 милијарди евра данок.
Швајцарија тогаш го осуди затајувањето на данокот преку нејзините банки, но истовремено го осудуваше и начинот на кој германските даночни власти дошле до податоците за оние кои на тој начин го избегнувале плаќањето на данокот.
Податоци за германските затајувачи на данок купувале и други германски сојузни земји, што ја поттикна расправата за тоа дали државата смее да купува украдени податоци за да влезе во трагата на оние коишто избегнуваат да си го платат данокот.