Врховниот ирански духовен водач и највисокиот авторитет во земјата, ајатолахот Али Хамнеи го критикуваше претседателот Хасан Роуани бидејќи изјавил дека неговата политика на попуштање на односите со Западот влијаела врз исчезнувањето на воената закана, во моментот кога напнатоста во Техеран расте пред одржувањето на мајските претседателски избори.
Актуелниот претседател Хасан Роухани, прагматичен политичар чијашто победа во 2013 година доведе до затоплувањето на дипломатските односи меѓу Иран и Западот, во 2015 година постигна важен договор со шесте светски сили според кој Техеран се согласи да ги намали своите нуклеарни активности во замена со укинувањето на децениските санкции коишто му ги наметна меѓународната заедница.
Нетрпеливоста меѓу Роухани, кој посакува уште еден претседателски мандат, и оние коишто го уважуваат авторитетот на ајатолахот Али Хамнеи, а се противат на нуклеарниот договор, зајакна последните неколку месеци, во пресрет на одржувањето на претседателските избори закажани за 19 мај.
„Некои велат дека откако ја преземале власта заканата со воја исчезнала, но тоа не е точно. За тоа придонесе присутноста на некои луѓе на политичката сцена, Таа придонесе за постепеното исчезнување на сенките на војната“, изјави во неделата ајатолахот Хамнеи во говорот кој го пренесуваа државните медиуми.
„Нуклеарниот договор е национално достигнување и би требало да ги искористиме неговите предности“, изјави во неделата Роуани и ги повика избирачите да го спречат враќањето на екстремизмот во Иран.