
Една седмица пред вториот круг од француските претседателски избори, челникот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон, кој во првиот круг освои 19,6 отсто од гласовите, во неделата се изјасни против кандидатката на крајната десница Марин Лепен која се обидува да ги привлече неговите гласачи.
И покрај тоа што анкетите му даваа голема предност на поранешниот министер за економија, проевропскиот центрист Емануел Макрон кој минатата година ја напушти социјалистичката влада на претседателот Франсоа Оланд го основа движењето Напред и се кандидираше на претседателските избори, изминатата седмица таа разлика започна да се намалува, и во подем е лидерката на крајната десница Национален фронт, Марин Лепен.
И покрај сите повици на другите политички лидери да се гласа против Националниот фронт, разликата во анкетите која се движеше од 60 до 68 отсто освоени гласови за центристот, сега се намали на 59 отсто за Макрон, а 41 отсто за Лепен.
Челникот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон, чиишто гласачи сега сакаат да ги придобијат и едниот и другиот кандидат, оцени дека гласот за Лепен би бил „страшна грешка“. Сепак, тој не ги повика своите гласачи да не излезат на изборите во недела, да не гласаат за ниеден од двајцата, но ниту ги повика да гласаат за Макрон.
Челникот на движењето Непокорна Франција беше остро критикуван од левицата, поради тоа што не ги повика гласачите да го дадат гласот за Марон и така да ја спечи победата на Лепен, уште повеќе затоа што таа по првиот круг се трудела да ја преземе реториката на Меланшон за да ги придобие неговите избирачи.
Се проценува дека солидна бројка на гласачите на радикалната левица кој им се противат на политичките елити, би можеле како знак на протест да гласаат за Лепен која во неделата ја продолжи својата интензивна кампања.
Лепен ненајавено во неделата посети гратче на југот од земјата, каде има фабрика на глина којашто складира црвена кал, за да ја претстави својата еколошка програма. Покрај тоа, во Марсеј положи венец пред споменикот на Евреите депортирани за време на Втората светска војна, и тоа малку пред Макрон во Париз да ги посети Меморијалниот центар на холокаустот и Меморијалниот центар на жртвите на депортацијата.
Лепен, на којашто ѝ се предвидува пораз на 7 миј, во саботата потпиша досега незабележана соработка со претседателот на суверенистичката партија Исправи се Франција, којашто може да ја зајакне нејзината позиција. Лепен најави дека Николјас Дупон-Ењан, кој во првиот круг од 11 кандидати беше шести и освои 4,7 отсто од гласовите, ќе биде новиот премиер доколку таа стане претседател.
Истовремено од сите партии ги повикуваат гласачите да го поддржат Макрон поради „одбраната на вредностите на Републиката“.
Шеесет здруженија и невладини организации ги повикаа Французите кои не мислат да излезат на изборите, во прв ред разочараните приврзаници на конзервативецот Франсоа Фијон и трибунот на радикалната левица Жан-Лик Меланшон, да се мобилизираат „поради оние коишто го заговараат отфрлањето на другиот и затворањето на своите граници“.
Протестите против двајцата кандидати, од кои едниот го нарекуваат „капиталист“ а другиот „фашист“ продолжуваат и во понеделникот, по повод традиционалните првомајски поворки.