ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во подобрување на заштитата на работничките права, подобрување на социјалниот статус на работникот во Македонија и обезбедување на негов подобар стандард, се вели во партиската честитка до сите граѓани на Република Македонија по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 мај.
Во честитката се истакнува дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува посветена на зголемување на работничките права, отворањето нови работни места, зголемувањето на платите, подобрата здравствена и социјална заштита и повисокиот стандард на работниците.
„ВМРО-ДПМНЕ презема мерки за полесно вработување на сите категории на граѓани и обезбедување на нивна социјална сигурност, пред се на младите, лицата од социјален ризик, самохраните родители, лицата со хендикеп, невработените лица во поодмината возраст итн. Тоа го правиме преку директна поддршка со кредитирање или бенефиции за нивно вработување“, се истакнува во честитката.
Од партијата потсетуваат и дека во текот на изминатите години посветено работеле на заштитата на работничките права, дека е воведен концептот на бруто плата, со што се овозможува интегрирана исплата на плати и придонеси од задолжително социјално осигурување.
„Со помош на овие политиките на ВМРО-ДПМНЕ, континуирано се намалува невработеноста која од рекордните највисоки 39 отсто во 2006-та сега е на рекордно ниски 23,7 отсто. Првпат е донесен Закон за минимална плата, а истата во наредниот период континуирано ќе се зголемува. Се зголемија платите и се воведе задолжителна исплата на регрес за годишен одмор, познат како К-15“, се наведува во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.