![132793048](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/05/132793048.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Демократската обнова на Македонија го осуди поставувањето знаме на друга држава во кабинетот на претседателот на Собранието.
– Собранието е симбол за парламентарната демократија на Република Македонија како држава, а функцијата Претседател на Собранието е втора највисока функција по значење. Знамето е државен, а не национален симбол. Затоа ваков гест е апсолутно неприфатлив и спротивен на Уставот и законите и ги повредува чувствата на сите граѓани кои Македонија ја почитуваат како своја држава, соопшти ДОМ.
Партијата прашува дали се работи за смислена провокација и бара таков инцидент да не се повтори, зашто тоа, наведува ДОМ, би значело свесно потпалување на и онака зовриените страсти.
– На Македонија во овој миг и треба мирен и демократски трансфер на власта, за да се зачува граѓанскиот и унитарен карактер на државата и да се овозможи трајна стабилност и просперитет на нејзините граѓани. Сите заедно треба да работиме на смирување на тензиите и помирување помеѓу граѓаните со различна припадност по било која основа, наведува ДОМ во реакцијата.