Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека „не е случајна“ одлуката на францускиот суд косовскиот политичар Рамуш Харадинај да не го испорача во Србија, оценувајќи дека „случајот Харадинај“ е дел од организираната акција на големоалбанските политичари во регионот.
„Очигледно тоа не била случајна одлука, бидејќи никој не го постави прашањето дали Харадинај е виновен, туку вештачкото прашање – дали треба да биде предаден на Србија или не“, изјави Дачиќ за Радио-телевизија Србија (РТС) откако истече рокот за жалба на француското обвинителство на одлуката на локалниот суд во Колмар.
Дачиќ смета дека одлуката претставува „драстично непочитување на српските жртви“, истакнувајќи дека во овој случај не станува збор само за минатото, туку и за „заканите за мирот и стабилноста во регионот“.
Српскиот шеф на дипломатијата ја повика меѓународната заедница „конечно да престане да биде глувонема“, порачувајќи дека „ниту случајот Харадинај, ниту она што се случува во Скопје, Приштина или Тирана не може да се гледа изолирано, туку оти станува збор за организирана акција“.