Раул Гонзалес успешен во дебито, уверлива победа на македонските ракометари против Исланд

Македонската ракометна репрезентација во мечот од 3-то коло до Групата 4 во четвртокот вечерта извојува значајна победа против селекцијата на Исланд со уверливи 30:25 (15:13) во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра во Хрватска следната 2018 година.

Натпреварот подобро го започнаа ракометарите на Исланд кои го имаа почетното водство со 2:0, но многу брзо веќе во петтата минута Македонија успеа да врати и израмни, а во следната минута го оствари и провото водство од 3:2. Со самоуверена игра водството во продолежние од мечот се зголемуваше и во неколку наврати изнесуваше три голови, а во 25 минута беше достигната максималната предност од четири голови (14:10). Но во тој период Исланѓаните заиграа поконцетрирано, особено во нападот и успеаја да ја намалат предноста на Македонците на два гола (15:13)

И почетокот на второто полувреме донесе пад во играта на македонските ракометари, кога примија четири голови во низа, а Исланд во 35 минута имаше предност од 17:16. Во продолжение избраниците на Раул Гонзалес повторно го вратија ритамот од првиот дел и во 43 минута имаа предност од три голови (22:19). Но  во 50 минута Исланд се врати во игра намалувајќи го водството на Македонија на два гола (23:25), но следуваше пеналот кој Кирил Лазаров го реализираше за 26:23. Исланѓаните, преку Магнусон и Сигурдсон со два брзи гола намалија за 25:26, но сепак најискусните во македонскиот тим, Кире Лазаров и Филип Миркуловски, ја вратија предноста од четири погодоци (29:25), откако македонските голмани Митровски (одбрани пенал) и особено Борко Ристовски го „откажаа“ гостите. Следеше само „финализацијата“ на одличната вечерашна изведба на Филип Талески за конечните 30:25.

Најефикасен во репрезентацијата на Македонија беше Кирил Лазаров со 11 погодоци, а го следеше Талески со 5 голови, додека во репрезентацијата на Исланд,  Сигурдсон постигна 6, а искусниот Палмарсон постигна 4 погодоци.

Борко Ристовски, кој со доаѓањето на Гонзалес по пропуштеното светско првенство се врати во репрезентацијата, блескаше со 12 одбрани.