Американскиот Претставнички дом го усвои во четвртокот предлог-законот со којшто се поништува поголемиот дел од Достапното здравствено осигурување познато како Обамакер, донесен од претходниот демократски претседател Барак Обама, и го заменува со новиот здравствен план на републиканците, пренесува Reuters кој забележува дека станува збор за голема победа на актуелниот републикански претседател Доналд Трамп, но и дека ќе следи голема битка во Сенатот.
Со 217 гласови „за“ и 213 гласови „против“, републиканците обезбедија доволна поддршка да го протуркаа предлог-законот во Претставничкиот дом, па сега тој ќе биде испратен во Сенатот. Ниту еден демократски пратени не гласал за предложениот закон.
Усвојувањето на предлог законот во Претставничкиот дом е клучниот чекор кон исполнувањето на предизборното ветување на претседателот Доналд Трамп и реализирање на седумгодишните настојувања на републиканците да го турнат законот на неговиот претходник Барак Обама. Меѓутоа, американските медиуми наведуваат дека пред предлог-законот сега се нови проблеми во Сенатот, каде што проценуваат дека тешко ќе ја добие поддршката од доволниот број републикански сенатори.
Гласањето во четвртокот, исто така, претставува и политичка победа на претседателот на Претставничкиот дом, Пол Рајан, кој покажа дека може да ги обедини расцепканите републиканци по двата неуспешни обида да биде постигнат консензус околу новиот закон за здравствено осигурување.
Демократите, пак, се надеваат дека исходот од надгласувањето на републиканските во врска со повлекувањето на Обамакер ќе предизвика негодување кај гласачите во текот на изборите за дел од Конгресот кои ќе се одржат следната 2018 година.
Обамакер, инаку, беше највпечатливата реформа донесена во текот на двата мандата на Обама, тврдејќи дека здравственото осигурување е проширено наводно на дури 20 милиони Американци кои претходно го немале. Трамп, пак, го критикуваше законот како неефикасен и недостапен.
Со овој закон од 2010 година, кој беше жестоко критикуван од конзервативците поради неговите трошоци и административна комплицираност, требаше да се помогне на поширокото население на САД да се здобие со здравствено осигурување.
Законот за заштитата на пациентите и пристапната нега (АСА), како што официјално се нарекува законот, е усвоен во 2010 година за значително намалување на бројот на неосигурeните Американци и истовремено да го забави рапиден раст за потрошувачката во здравство. Неговото усвојување имаше драматично влијание врз американскиот здравствен систем.
Обамакер не е јавна програма за здравствено осигурување. Тоа е законската рамка којашто на приватните осигурители им наметна обврски со намера подобро да се регулира пазарот и ширењето на услугите кои се покриваат со осигурувањето.
Во САД постојат само две јавно здравствен осигурувања на сојузно ниво: Медикејд, наменет за сиромашните семејства и поединци, и Медикер, за оние кои се повозрасни од 65 години. Повеќето американци се осигурени се во приватниот сектор, најчесто преку работодавачите.
Според Обамакер, осигурителните куќи не смеат да ги одредуваат премиите за осигурувањето врз основа на историјата на болестите или полот, како што работеле претходно. Не смеат ниту да одбијат да осигурат пациенти кои се „прескапи“ или да наметната годишно финансиско ограничување на здравствените услуги, што е практика која некои тешко болни Американци ги довела до питачки стап.
Обамакер, исто така, бара осигурителот да ги плати трошоците за болничко лекување, посети на итна помош или некои превентивни прегледи, како тестирања на дијабетес или вакцинација. За возврат, законот Обамакер бара сите Американци да бидат осигурени или да платат казна. За 2017 година казната изнесува 695 долари за возрасни лица.
Бидејќи неколку милиони луѓе повеќе придонесуваат на здравствениот систем, велат поборниците на Обамакер, премиите кои ги плаќаат здравите Американци ги намалуваат трошоците на лекувањето на најболните.
Републиканците, пак, велат дека присилното учество во системот ги крши основните слободи гарантирани во уставот на САД и остро го осудуваат.
За лицата за коишто работодавачот не плаќа осигурување, администрацијата на Обама воспостави интернет „пазар“ на кој поединците може да се пријават за ACA приватниот осигурител. Тој, пак, за возврат зависно од приходот на тоа лица, има право на даночни олеснувања што ја намалува цената на премијата.
Проблемот е во тоа што сé помалку осигурители учествуваат на тие „пазари“, бидејќи се покажа дека им се помалку профитабилни од очекуваното. Резултат на тоа е што премиите постојано поскапуваат, а за републиканците тоа е доказот дека реформата пропаднала.
Откако Обамакер законот стапи на сила, здравствениот систем се проширил на 20 милиони нови осигуреници, тврди администрацијата на заминува, а бројот на лица без осигурување паднал од 16 отсто во 2009 на 8,9 отсто во минатата 2016 година, што е најниското ниво во историјата. Демократската администрација, исто така, истакнува дека растот на трошоците во здравствениот сектор никогаш не бил побавен.