Универзитетскиот професор, Иванка Додовска на панел дискусијата која ја организира Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ истакна дека оваа политичка криза е креирана од надвор, иако тоа звучи нереално.
-Ова е една поглобална слика во која не само Македонија, туку цела Источна Европа е ставен во тој бубањ на големите пресметки на големите нации, посочи Додовска.
Таа направи една ретроспектива на политичката криза од самиот почеток до денес и потсети дека таа почна во време кога Република Македонија стана лидер во Југоисточна Европа и дека освен Словенија, само Македонија имаше економски раст во време на економска криза.
-Македонија издржа, благодарение на стратешката визија на владата. Истовремено со стратешката мудрост на Иванов, Македонија се издигна на едно завидно ниво. Токму во тој момент се случи големиот удар, се случи од внатре и дојде од страна на опозицијата, потсети Додовска.
Вели дека тој процес во таа фаза, аналитичарите го гледале како еден обид да се девастираат политиките или малку да се засенат успесите кои што беа постигнати, додавајќи оти во тој момент се чувствувало дека тоа брзо ќе биде санирано бидејќи, како што рече, аргументацијата не држеше вода.
-Но потоа, пред речиси три години кога започна планот Б, кога сфативме дека во Македонија почнаа да играат служби, и внатрешни и надворешни, македонските граѓани беа поставени пред една голема сцена во која што требаше да се масакрираат сите истурени играчи на извршната власт, потенцира Универзитетската професорка.
Посочи дека две години по улиците на Скопје имаше насилство, граѓаните гледаа терор и искажување на граѓанска непослушност, но и непочит кон она што беше изградено.
-Ние ја видовме волјата на граѓаните на 11 декември. Дали тоа на мене ми се допаѓа или не, тоа е прашање на лична природа. Не можете да си играте со она што се нарекува народна волја, рече Додовска.
Според неа, аферата со прислушуваните разговори била добра инструментализација за да се предизвикаат предвремени парламентарни избори.
-Видовме дека целата афера предизвикана од приватните телефонски разговори беше добра инструментализација за да се предизвикаат предвремени парламентарни избори. Тоа валкано сценарио се направи за да се создаде општ хаос, посочи Додовска.
Рече дека голема грешка било правењето на паралелни институции, како што е Специјалното Јавно обвинителство.
-Грешка беше правењето на СЈО, која е неуставна институција, која троши многу пари, наши пари за работи за кои што имаме Јавно обвинителство, истакна Универзитетската професорка.
Таа подвлече дека Претседателот Ѓорге Иванов ја имал главната улога, и дека ја донел конечната одлука за тоа дали ќе се попушти пред овој налет.
Говорејќи за инцидентите во Собранието, Додовска вели дека сите провокации кои се случија дента ја предизвикаа толпата да загуби контрола.
-Мора да се сетиме и да не забораваме дека тој ист ден во македонското Собрание од страна на легално избраните пратеници од страна на македонските граѓани се случи најголемата навреда кон народот, тоа беше пеењето на албанската химна во срцето на Македонија, посочи Додовска.