Лепен најави ново движење за изборите во јуни

Челничката на француската крајна десница Национален фронт, Марин Лепен најави по завршувањето на претседателските избори во неделата ноќта по поразот од центристичкиот ривал Емануел Макрон, дека ќе покрене ново патриотско движење коешто ќе учествува на парламентарните избори во јуни.

Лепен, откако му ја честиташе изборната победа на Макрон, изјави дека нејзината партија Национален фронт постигна историски резултат и оти тоа е само почетокот.

„Националниот фронт мора длабоко да се обнови за да ја фати историската можност и да ги исполни очекувањата на францускиот народ. Ќе предложам почеток на таа длабока трансформација на нашето движење за да создадам нова политичка сила“, рекла Лепен, пренесе телевизијата TF1 која емитуваше снимка како поразената претседателска кандидатка на вечерата со своите соработници и поддржувачи во близината на Париз безгрижно танцува.

Лепен, инаку, една седмица пред изборите потпиша досега незабележана соработка со претседателот на суверенистичката партија Исправи се Франција, којашто може да ја зајакне нејзината позиција. Лепен тоаш изјави дека Николјас Дупон-Ењан, кој во првиот круг од 11 кандидати беше шести и освои 4,Преглед7 отсто од гласовите, ќе биде новиот премиер доколку таа стане претседател.

Заменикот на Марин Лепен, Флориан Филипот, изјави дека новата партија нема да го носи името Национален фронт.

Жан-Мари Лепен, таткото на Марин Лепен и основач на Националниот фронт кој во 2002 година со двојно послаб резултат од нејзиниот беше поразен во вториот круг од претседателските избори, изјави дека една од главните причини за поразот на претседателските избори е токму Филипот, но и нејзините ставови за Европската унија и за еврото, пренесе AFP.

Слични размислувања има и нејзината внука, инаку француска пратеничка и млада надежна политичарка Марион Марешал Лепен. Според неа, тетка ѝ ги намалила своите шанси доцна реагирајќи по прашањето за еврото, и оти француските гласачи не ја разбрале.

„Марин Лепен беше во право кога рече, иако задоцнето, дека повлекувањето не е предуслов за сите економски политики, и оти има намера да спроведе референдум“, изјавила Марешал Лепен пренесува Reuters.

Најмладата политичарка од семејството Лепен, на којашто ѝ предвидуваат значителна кариера, појасни дека прашањето на еврото ги загрижува Французите и тие мора да бидат успокоени во врска со тоа.

„Неопходно беше да се примират Французите по прашањето за еврото, зашто, говорејќи искрено, тоа предизвикува голема загриженост меѓу нашите сонародници“, заклучува Марион Марешал Лепен.

Пратеничката додала дека резултатите од вториот изборен круг покажуваат дека Националниот фронт мора да „извлече поуки“ од поразот на Марин Лепен. „Очигледно постојат некои пораки кои мора да се извлечат“, истакнала Марешал Лепен.

Парламентарните избори во Франција се распишани за 11 и 18 јуни.