
Кошаркарите на Кливленд се првата екипа којашто избори конференциско финале во доигрувањето во НБА лигата откако и во четвртиот натпревар од вториот круг славија во Торонто со 109:102, додека Вашингтон и Хјустон со победите пред својата публика ги изедначија резултатите на 2-2 во сериите против Бостон, односно Сан Антонио.
Вашингтон славеше против Бостон во четвртиот натпревар со 121:102. Бредли Бил постигна 29 кошеви, а Џон Вол 27 поени со 12 асистенции за Визардс. Петтиот меч ќе се игра во Бостон ноќта кон четвртокот во 2 часот по полноќ.
Во Хјустон, Рокетс ги совладаа Сан Антонио Спарс со 125:104 со 28 кошеви и 12 асистенции на Џон Харден. Петтиот натпревар ќе се одгра ноќта кон вторник, исто така, во 2 часот по полноќ во Сан Антонио.
Кливледн Кавалирс до победата од 109:102 ги предводеа Леброн Џејмс со 36 поени, 9 скокови и 6 асистенции и Кјири Ирвинг со 27 поени и 9 асистенции.