Јаковлески: Во клучни моменти Груевски и раководството треба да го водат членството, а не обратно

Груевски и раководството мораат да го следат пулсот на членството. Но, не смеат да ја водат политиката согласно моменталните емотивни реакции на со право револтираните членови, од она што ни го прави СДС и нивните поддржувачи од надвор, пишува еден од основачите на ВМРО и дел од советот на ветерани на ВМРО, Мане Јаковлески, на својот Фејсбук профил.

„Груевски и раководството се политичари, а не навивачи и протестанти. Тие треба да водат политика. Во тешки и клучни моменти тие треба да го водат членството, а не членството нив. Тие се избрани за водачи, а не за следачи.
Заради своите партиски функции, тие ги имаат сите информации, кои обичните членови не може да ги имаат. И на тој начин, со сите тие информации и досегашно искуство треба да ги донесат најдобрите одлуки, за ВМРО и за Македонија. Не секогаш можат да ги споделат сите информации. Ако се споделат со јавноста, ќе направат поголема штета на државата.
Членовите мора да го разберат тоа, затоа што тоа е секаде така.
Затоа и се бира водач и раководство.
Поинаку би имале само членство без лидер, па толпата ќе носи емотивни одлуки.
Груевски не е аналитичар. Тој не може да ги сподели сите размислувања и анализи. Дел може, дел сигурно не може. Во секој случај, добро го познаваме, долго е на политичката сцена. Покажал и храброст, и мудрост. И патриотизам, и одлучност. Храброст не е да го однесеш народот во провалија, туку да го одбереш патот на успехот, дури и да е тој најтешкиот и најтрнливиот. Тој има свои грешки, но не заборавајте, во 14 години на чело на ВМРО нема ниту еден пораз. Повторувам ниту еден пораз и тоа така ќе продолжи да биде. Само победи. Тоа не го прави случаен човек. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе победат на наредните избори кога и тие да се случат“, додава Јаковлески.