Косовскиот претседател Хашим Тачи ги распиша предвремените парламентарни избори за 11 јуни, откако на владата на премиерот Иса Мустафа ѝ беше изгласана недоверба.
Пратениците во косовскиот парламент гласаа во средата за распуштање на владата на премиерот Иса Мустафа кој ја презема должноста пред три години.
„Предвремените избори за парламентот на Република Косово ќе се спроведат на 11 јуни 2017 година“, се наведува во писмото на претседателот Хашим Тачи испратено до изборната комисија, пренесува агенцијата Reuters која го имала на увид дописот.
Гласањето за недоверба на владата го побара опозициската Иницијатива за Косово, со поддршка на Алијансата за иднината на Косово и движењето Самоопределување, но и 12 пратеници од партиите коишто учествуваат во власта.
Премиерот Иса Мустафа пред изјаснувањето на пратениците оцени дека предлогот за гласање за недоверба на владата е „политички и без аргументи“, како и дека неговата цел е „прикривање на претходно коруптивни афери“ и „дестабилизирање на земјата“.