Македонија протестира два и пол месеци, граѓаните бараат нови избори

Битола

И во четвртокот во десетици градови се одржаа по 74 пат мирни протестни проверки на приврзаниците на грашанската иницијатива „За заедничка Македонија“ , коишто бараат отфрлање на ткн Тиранска платформа којашто дел од албанските партии во Собранието ја истакнаа како услов за давање поддршка за формирање влада, и бараат распишување нови парламентарни избори на коишто избирачите ќе се изјасната дали прифаќаат плаформи со коишто, според нив, се загрозува мултиетничкиот карактер на земјата и нејзината унитарност.

Битолчани повторно излегоа на масовен протест на улиците во Градот на конзулите со цел да дадат поддршка на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Граѓаните на Битола порачаа дека бараат нови избори за народот да се изјасни дали е за или против Тиранската платформа.

Тие порачуваат дека нема да дозволат промена на националната химна, знамето, и името на државата.

Струмица
Струмица

Граѓаните на Струмица дел од иницијатива „За заедничка Македонија“ ги повторија трите барања: за предвремени парламентарни избори, попис на населението и отфрлање на Тиранската платформа.

„Денес ние можеме да говориме за предавства на интелектуалците, а ова го насети и Ѓорги Пулевски, ѕидарот од Галичник, пред две столетија. Тој беше првиот што укажа на нашата генеза и додава дека е ноторна глупост и шизофренија докажувањето дали ние сме антички Македонци или Словени“, рече Панчо Гогов од  протестот на струмичкуот градски плоштад „Гоце Делчев“.

Цитирајќи го Ефтим Клетников, Гогов се повика на континуитетот на македонскиот идентитет.

„Има една конзистента линија со која оди нашиот идентитет толку прецизно и немилосрдно како ниеден друг народ, а тоа е името – смета Клетников. Нашиот човек од Муртино кој се претставува како визионер и лидер на Балканот може да прими и десет идентитети. Денес во Белград е Србин, Во Софија е Бугарин и така е раздорот, а тоа е притисокот од Брисел и од Вашингтон“, додаде Гогов.

Кавадарци
Кавадарци

Кавадарчани од протестот предупредија дека Македонија насила се уништува со цел да се затвори македонското прашање. Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија и вечерва организираше протестен марш во Кавадарци. Од кавадаречкиот градски плоштад беа повторени барањата за отфрлање на тиранската платформа и зачувување на унитарноста на државата.

Пред присутните говореше Светлана Јосифова, историчар по професија. Таа, меѓу другото, рече дека Македонија се наоѓа во вонредни услови од кои можат да ја извлечат само граѓаните, кои повеќе од седумдесет дена мирно маршираат по патеката на државноста.

„Во Македонија веќе не владеат правото и правдата, не владее демократската држава. Вистината боли дека насила Македонија се уништува со цел да се затвори македонското прашање, бришење на македонскиот идентитет и федерализација и распарчување на Македонија“, истакна Јосифова.

Притоа додаде дека под притисок од надвор се институциите, судиите, Уставниот суд.

„Го повикувам Уставниот суд кој треба со закон да ја брани унитарноста на државата, да го поништи и отфрли нелегитимниот избор за претседател на Собрание“, апелираше Јосифова.

Група граѓани на Охрид попладнево повторно излегоа на улица во знак на поддршка на иницијативата „За заедничка Македонија“, повторувајќи ги своите ставови за зачувување на унитарниот карактер на државата и против воведувањето двојазичност на целата територија на државата.

Охрид
Охрид

Во име на учесниците на протестот се обрати Владо Кецко, кој истакна дека реализацијата на платформата од Тирана донесена под покровителство на албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи, ќе значи менување на карактерот на државата, нејзините симболи.

„Именувањето на Џафери за претседател на Собранието е спроведено на нерегуларен начин со прекршување на деловникот, законите и Уставот. Џафери е црна дамка во македонската историја, човек кој беше командант кога кај Вејце беа масакрирани македонските бранители. Поставен беше за претседател на самиот ден на тој настан, што го иритира целиот македонски народ“, рече Кецко.

Истовремено беше изразена поддршка на Претседателот Ѓорѓе Иванов да не се даде мандатот за формирање влада на Зоран Заев, како и повторено барањето за одржување предвремени избори за решение на тригодишната криза во земјата.

И штипјани во голем број порачаа дека предвремени избори се единствен излез од кризата Тие повторно во голем број излегоа на протест во знак на поддршка за граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Штип
Штип

Штипјани уште еднаш порачаа дека не сакаат никакви платформи од туѓи држави, кои сакаат да ја направат Република Македонија двојазична и бинационална држава. Тие порачаа дека единствен излез од кризата во која во моментов е Македонија се нови предвремени парламентарни избори.