![tilerson i dzubair](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/05/tilerson-i-dzubair.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон го повика во саботата реизбраниот ирански претседател Хасан Роуани да ја разбие „терористичката мрежа“ во неговата земја и да го прекине тестирањето на балистичките проектили, во првата американска реакција по штотуку завршените ирански претседателски избори.
„Се надевам дека Роухани ќе го прекине финансирањето на иранската терористичка мрежа и ќе ги уништи нејзините капацитети, логистика и сето она што придонесува за јакнењето на дестабилизациските сили во блискоисточниот регион“, изјави Тилерсон.
САД и сунитските арапски монархии во Персискиот залив го обвинуваат Иран дека ги поддржува „терористичките групи“ и дека ги поттикнува судирите на Блискиот исток. Всушност станува збор за шиитските заедници и милиции во регионот, кои се ривалски на сунитите.
Државниот секретар ја даде оваа изјава на прес-конференција во Ријад која ја одржа заедно со саудискиот колега Абдел ал-Џубеир во текот на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Саудиска Арабија.
„Се надеваме, исто така, дека (Роухани) ќе го прекине испитувањето на балистичките проектили.. и ќе им ја врати на Иранците слободата на говорот и на собирања“, додаде Тилерсон.
САД во средата ја објавија одлуката дека продолжат со политиката на укинувањето на санкциите против Иран во рамките на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма од јули 2015 година. Меѓутоа, американското министерство за финансии истовремено објави дека воведува нови санкции против иранските челници во врска со програмата за балистички проектили.