На свеченоста ќе се обрати заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.
На почетокот ќе бидат вработени 50 лица, а во следните пет години се планира да бидат ангажирани до 1.000 лица. Првичната инвестиција се проценува на околу 4 милиони евра, а во следните пет години ќе бидат инвестирани до 7 милиони евра. Повеќето од производите ќе се извезуваат во Германија, Франција, Италија и Полска.
Германската компанија ја најави намерата за инвестирање во февруари минатата година сакајќи да инвестира во Демир Хисар, но од објективни причини подоцна е донесена одлука фабриката да се отвори во Велес.
Договорот за инвестирање беше потпишан во октомври минатата година во Скопје. На потпишувањето присуствуваа вицепремиерот Пешевски и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, кои директно беа вклучени во преговорите, сопственикот на германската компанија Маркус Туч, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
За вицепремиерот Пешевски, оваа инвестиција е потврда дека условите за водење и започнување бизнис во Македонија се на високо ниво. – Со започнувањето на работата на СТС Текстајлс очекуваме позитивни ефекти во Велес и дополнително намалување на невработеноста, која во изминатите 10 години со имплементирањето на комплементарните економски политики е намалена за околу 50 проценти. Ако на почетокот на 2007 година бројот на невработени во овој град изнесуваше 15.500 лица, денес таа бројка е 7.400 лица, истакна Пешевски на потпишувањето на договорот.
Сопственикот на компанијата тогаш рече дека одлуката за нивната прва инвестиција надвор од Германија ја донеле откако ја согледале Македонија како совршено опкружување за она што сакаат да го реализираат.
– Задоволство ми е што сме тука и благодарност за сето она што беше направено да се случи оваа инвестиција. Сега останува на нас да го одржиме нашиот збор. Ветивме дека ќе ја инсталираме најсовремената технологија и тоа ќе го направиме. Веќе почнавме со вработување на лицата кои ќе работат во компанијата и останува нашето ветување дека ќе ги следиме плановите за инвестирање во иднина со цел „Лутекс“ да биде многу успешна компанија во Македонија, рече Туч.
Министерот Наумоф посочи дека инвестицијата на германската компанија е потврда и на признанието дадено од Светска банка во извештајот „Дуинг бизнис“.
Германската „СТС Текстајлс“ е една од 100. најдобро рангирани иновативни компании во Германија во 2014 година. Компанијата има 30-годишно искуство во производството на текстил.