
Втората собраниска седница на која единствена точка на дневниот ред е избор на Влада, новот претседател Собранието, Талат Џафери, како што и најавуваше, ја започна на албански јазик. Понатаму тој продолжи на македонски, но многу често го употребуваше и албанскиот јазик.
Тој, тоа го посочи како демократско достигнување и најави дека до почетокот на исполнување на коалициониот договор, седниците ќе ги води на македонски јазик.
Антонио Милошоски го нарече Џафери „пратеник“, а не претседател и дека веднаш почнал да го крши Деловникот со тоа што говори на албански а не на македонски јазик.
Ова Собрание и оваа седница почнуваат со недемократска дамка и Џафери прифати на нелегален начин да биде избран.Затоа ќе ве почитуваме како пратеник избран од народот, но ништо повеќе од тоа – рече Милошоски.
Пратениот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димвски, истакна дека се’ додека не се направат измени во Законот за употреба на јазиците, претседателот на Собранието треба да зборува само на македонски јазик.
Џафери во изјави за медиумите претходно истакна дека седниците ќе ги води на јазикот на којшто му овозможуваат законите во Македонија, а тоа е албанскиот и македонскиот.
Тоа ми го овозможува измената на Законот за употреба на јазиците од 2011 година, вели Џафери.
Мандатарот Зоран Заев до Собранието во неделата околу полноќ ги достави Предлог-програмата и Предлог-составот на новата Влада. Собраниската седница е закажана за 11 часот. Според Деловникот за работа на Собранието, Заев ќе има обраќање пред пратениците по што ќе следува претресот. Редоследот на говорите на пратениците и седењето во собраниската сала беше договорен на вчерашната координативна седница со претседателот на Парламентот Талат Џафери. На оваа седница не присуствуваше претставник од ВМРО-ДПМНЕ.
Владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата односно најдоцна до среда на полноќ. За таа да биде избрана потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник.
Во новата Влада министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.