
Општината Ѓорче Петров деновиве го реконструираше повеќенаменското спортско игралиште во населбата „Даме Груев“, кое е изградено само пред две години.
Иако овој спортски храм е изграден по барање на граѓаните, како што велат од општината, за кратко време беше руиниран.
„Искршени беа стативите и обрачите од кошевите, а посебна опасност претставуваше честото кршење на орманчето за струја. По согледување на направените штети од корисниците на игралиштето, општината превзеде акција за отстранување на истите. Заменета е искината мрежа во должина од 160 м2 и поставена е и дупла арматурна мрежа зад головите. Заменети се стативите со метални и поставени се и нови обрачи на кош-таблите. Извршени се интервенции и на орманчето за струја со замена на склопките и истото е заштитено со метална мрежа“, се наведува во соопштението од општина Ѓорче Петров.
Од општината апелираат до граѓаните во иднина игралиштето за мал фудбал, кошарка и ракомет да се чува затоа што тоа е собиралиште на младите од овој дел на Ѓорче, но со намерно оштетување ќе им се ускрати можноста за спортување. Игралиштето има и рефлектори и може да се користи и во ноќните часови.