Пендаровски: СДСМ нема да дозволи полициска држава

Во рамките на редовните понеделнички средби во Централата на СДСМ вчеравечер се одржа уште една средба на која гостуваа Стево Пендаровски, пратеник во Собранието на Република Македонија и Саша Богдановиќ, претседател на ОО СДСМ Центар.
На почетокот на средбата, сите присутни со едноминутен молк и оддадоа почит на Ивана Ангелеска која прерано го загуби својот живот. Таа беше членка на СДСМ, беше дел од тимот на Стево Пендаровски на Претседателските избори во 2014 година и беше активистка за права и правда.

Стево Пендаровски на средбата говореше за актуелната политичка ситуација во Македонија и за предизвиците со кои ќе се соочи новата Влада по нејзиното изгласување за кое се очекува да биде во среда.

Тој асицираше неколку работи, кои по негово мислење ќе ги диктираат политичките трендови во наредните неколку години.

 

„Прво, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и коалицијата нема да прави, плаќа, организира и инструира тотална политичка пропаганда бидејќи во демократија политичките партии тоа не го прават. Идната Влада нема да ги притиска новинарите да пишуваат за неа по секоја цена и нема да ги затвара телевизиските куќи кои ќе зборуваат против неа. Второ, ВМРО ДПМНЕ употребуваше радикално националистичка реторика, често и шовинистичка реторика, особено во линија на меѓуетничките односи на македонци и албанци. Да се употребува националистичка реторика во држава која е толку хетерогена, во етничка и религиозна смисла тоа е рецепт за катастрофа на државата. СДСМ и коалицијата и ова нема да го прави. Трето, ВМРО ДПМНЕ направи полициска држава, заокружен проект на полициска држава. Практично, братучед на Груевски во МВР беше премиерот во сенка, беше господар на нашите судбини, нашите животи, од него и од оние што му беа него потчинети зависеше се. Таков заокружен проект на полициска држава, СДСМ ниту мисли да прави, ниту има намера да прави, ниту ќе прави”, рече Пендаровски.

 

Тој додаде дека СДСМ и коалицијата ќе влезат во жестока, антикриминална акција и сите мафијаши на режимот по коректна постапка ќе платат за своите дела.

На средбата, Пендаровски ги спомна и проблемите со кои ќе се соочи новата Влада, како огромниот јавен долг на државата и големата превработеност во администрацијата, за кои СДСМ има мерки кои беа предвидени во програмата за живот во Македонија.