Бројот на жртвите во екслозијата во дипломатскиот кварт во Кабул се зголеми на 90 (ВИДЕО)

Бројот загинати во самоубиствениот напад во авганистанската престолнина Кабул во средата се зголеми на 90 а повеќе од 380 други се ранети, известува авганистанската новинска агенција Pajwok на својот профил на Twitter.

Агенцијата Pajhwok јавува дека во експлозијата се повредени двајца британски новинари, на BBC и на телевизијата ITV.

Претходно телевизијата TOLOnews на Twitter пповикувајќи се на министерството за здравство на Авганистан, објави за 80 смртно настрадани и над 350 ранети.

Според прелиминарната верзија на министерството за внатрешни работи, екслодирала цистерна полна со експлозив. Таа била поставена во близина на утврдениот влез на амбасадата на Германија, на плоштадот Забак. Според првичните сознанија, најголемиот број од жртвите се цивили.

Екслозијата се случи во дипломатскиот кварт на Кабул, наспроти амбасадата на Германија, како и дипломатските претставништа на Јапонија, Иран и на Индија.

Според јапонската јавна телевизија NHK, во експлозијата настрадале и двајца службеници на амбасадата на Јапонија. Според извештајот, нивните повреди не се опасни по животот. Се истакнува дека од јачината на детонацијата на амбасадата биле искршени сите прозорци.

Bo експлозијата, според кинеската агенција Xinhua, била оштетена зградата во која е сместена нејзината редакција во Кабул. Искршени биле сите прозорци на првиот кат од зградата, јавува агенцијата и додава дека нема повредени меѓу нејзиниот персонал.

Министерката за европски прашања на Франција, Мариел де Сарнез во интервју за радиото Europe 1 рече дека во експлозијата е оштетена и зградата на француската амбасада.

„Материјални штети се нанесени на амбсадите на Франција и Германија во Кабул. Во моментов нема податоци дека некој од француската мисија е настрадан“, изјави министерката.

Во агенциските извештаи се наведува дека, според првичните процени, целосно се уништени најмалку 50 разни возила.

Ниедна група засега не ја презема одговорноста за нападот, но во извештаите се наведува дека една од најголемите експлозии во Кабул доаѓа набргу откако талибаните кон крајот на април го објавија почетокот на нивната традиционална „пролетна офанзива“.

Главниот град Авганистан изминатите години беше релативно поштеден од големи напади, но од минатата година тие зачестија, што укажува на смелоста и решителноста на бунтовничките групи да извршуваат напади во населбите во Кабул кои се добро обезбедувани од домашните и од странските безбедносни сили.