Членство на Република Македонија во НАТО, почеток на преговорите со Европската унија, продлабочување на соработката во сферата на безбедноста со цел стабилен регион, воздржување од радикална националистичка реторика и немешање во внатрешните работи на државите, се клучните пораки кои претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ги искажа на состанокот на лидерите на Брдо – Бриони процесот, што се одржува денеска во Брдо кај Крањ во Словенија.
– Националистичката реторика негативно влијае на добрососедските односи во регионот и мешањето во внатрешните работи на соседните држави создава тензија, истакна Иванов посочувајќи дека суштината на Брдо-Бриони процесот е регионот низ дијалог и со заемно почитување да ги решава предизвиците и проблемите.
Македонскиот претседател порача дека долгогодишната „статус кво“ состојба во интеграциите ја продлабочи кризата во Република Македонија и им даде алиби на политичарите да застранат од зацртаниот европски пат.
– Една од клучните причини за стагнацијата, дури и за ретроградните процеси во регионот е недоволниот ангажман и недоволното внимание на ЕУ. Разбираме целосно дека ЕУ се соочува со повеќе кризи, но истовремено ЕУ не треба да дозволи уште една балканска криза, порача претседателот Иванов пред лидерите од Брдо-Бриони процесот, и изрази очекување дека Германија како движечка сила во ЕУ ќе може да му помогне на целиот регион.
Иванов ја повика Европската унија да извлече поуки за ефектите од досегашниот пристап кон Македонија и регионот, како и да изнајде креативен и иновативен начин особено за отворање на поглавјата 23. и 24., потенцирајќи дека отворањето на преговорите за правосудство, основните права, правда, слобода и безбедност ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси.