Средба на Заев со амбасадорката на Турција

Владата е посветена на унапредување на пријателствата низ европските вредности, изјавил премиерот Зоран Заев во четвртокот на средбата со амбасадорката на Република Турција во Македонија, Еркал Кара, информираше владината служба за односи со јавноста.
На средбата заеднички било поздравено пријателството меѓу Македонија и Турција и изразена определеност за унапредување на соработката врз демократски принципи, на економски план, како и во сите други области од интерес на граѓаните на двете држави.

 

„Примарна цел на Владата е да ги унапредува односите со сите држави, посебно со земјите пријатели на Република Македонија. Граѓаните на Македонија очекуваат европски перспективи и Владата што ја предводам е подготвена да ги земе предвид сите позитивни искуства на патот кон интеграциите“, рекол Заев.

 

На средбата Заев и Кара разговарале за можноста за надминување на постоечките административни бариери со кои се соочуваат инвеститорите во Македонија, како и за интересот на турски инвеститори за вложувања во Македонија.

 

Исто така, од страна на турската амбасадорка била реафирмирана поддршката на Република Турција за интеграцијата на Република Македонија во НАТО Алијансата.