
Иранскиот министер за разузнавачки прашања Махмуд Алави изјави дека организаторот на нападите изведени во средата во главниот град Техеран бил убиен во саботата од припадници на иранското разузнавање.
„Организаторот и главниот командант на терористичките напади врз парламентот и врз Мавзолејот на ајатолахот Хомеини, денеска го убија безбедносните сили“, изјави Алави.
Алави истакна дека организаторот побегнал од Иран, но биле следени неговите траги во специјалните операции по нападот, и оти бил убиен во соработка со „пријателски странски разузнавачки служби“.
Ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, којашто шиитите коишто се доминантни во Иран ги смета за отпадници од верата, ја презема одговорноста за овој симултан напад во иранската престолнина.
Две вооружени групи во кои имаше и бомбаши самоубијци во средата утрото ја нападнаа зградата на парламентот во центарот на Техеран и Мавзолејот на ајатолахот Хомеини на југот од иранската престолнина. Притоа беа убиени 17 луѓе а ранети уште 52 лица. Напаѓачите беа ликвидирани, но медиумите јавија дека најмалку еден од нив бил уапсен.
Изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите од нападите, Алави истакна дека во текот на изминатите неколку месеци разузнавачките служби на Иран неутрализирале повеќе од 25 терористички ќелии.
Додаде дека голем број терористички напади биле спречени од страна на Иран пред нападите од средата. Алави, исто така, истакна дека големо количество автоматско оружје и експлозивни средства биле запленети кај откриените терористички групи.
Во меѓувреме, како што пренесува Press TV, шефот на иранската полиција, Хосеин Аштари, изјавил дека група од околу 60 осомничени биле уапсени во близина на Техеран во врска со терористичките напади.