Претседателот на Советот, Петар Аневски изјави дека мислењето ќе го достават до Владата заедно со краткото образложение, а потоа заедно со предлогот за разрешување треба да биде испратено до Собранието.
Бидејќи засега нема никакви промени во Советот на јавни обвинители по доаѓањето на СДСМ и Зоран Заев на власт, за оваа одлука гласаа истите тие луѓе за кои Заев велеше дека работат под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Сега се отвора прашањето, како ВМРО-ДПМНЕ го заробило обвинителството кога истите луѓе кои до вчера беа „под нивна контрола“, денеска гласаат за смена на Зврлевски? Дали ова значи дека сето ова време некој друг имал влијание и го заробил обвинителството?
Паѓаат во вода сите претходни обвинувања дека обвинителството и судството 11 години биле под заробеништво на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку партијата го имала Советот под контрола , тогаш истите тие луѓе денеска не би гласале за смена на Зврлевски, па така станува јасно дека други структури влијаат на Советот.
Добро е познато дека Зврлевски му бодеше очи на Заев уште пред тој да стане премиер, па затоа и во првата изјава откако ја доби функцијата побара од републичкиот Јавниот обвинител да си поднесе оставка или во спротивно тоа ќе го побара неговата влада.
-Една од работите заради која не ни чини правосудството е Јавниот Обвинител. Јас се надевам дека можеме почетокот на реформите да го почнеме и го повикувам да си поднесе оставка. Утре ја очекувам неговата оставка, секако како чин кој што знае дека на предлог на влада, Парламентот го разрешува државниот Јавен обвинител и на предлог на влада, Парламентот го избира. Од тој аспект го повикувам да ги убрза процесите и да си поднесе оставка Марко Зврлевски, беше првата изјава на Заев пред партиското седиште.
Зврлевски не присуствувал на седницата бидејќи не е член на Советот, но може писмено да одговори и да присуствува на собраниската седница во врска со неговото разрешување.
Заев иницираше постапка за разрешување на 6 јуни со предлогот за разрешување на републичкиот Јавен обвинител поради, како што смета Заев „незаконско и ненавремено извршување на функцијата“ и предлогот, согласно законските одредби, го достави до Советот на јавни обвинители. Всушност, прва задача која си ја постави Заев беше чистка во судството и обвинителството, со барање за отстранување на Зврлевски, иако само неколку часа претходно од собраниската говорница нагласуваше делка „ниту еден политичар од новата власт не ќе смее да се дрзне да влијае врз јавен обвинител“.
– Сакам да знаат сите, овде пред јавноста, ако некој се дрзне да влијае врз обвинител, или врз судија, подобро сам да си даде оставка, оти ако не го стори тоа, јас ќе дадам предлог за негово разрешување. Само така ќе ја вратиме правната држава, само со личен пример и со политичка волја и мотивација. Далеку рацете на политичарите од правото и правната држава- рече Заев.
Притисоците врз судството и особено врз Обвинителството и Зврлевски се поврзуваат со постапките кои се водат токму против Заев, првенствено за случајот „Поткуп“ за што има и видео- снимка прибавена со одлука на обвинител и суд.