Во пожарот што ја зафати ноќта кон средата 27-катницата „Grenfell Tower“ во западен Лондон има загинати, но засега нивниот број не е познат, а во болниците се хоспитализирани околу 50 луѓе, рече началникот на лондонската противпожарна служба Дени Котон,
„Со големо жалење принуваден сум да потврдам дека има жртви. Во моментов не можам да кажам колку. Причината за пожарот, исто така, засега не е позната“, изјавил Котон пренесе телевизијата Sky News.
„Станува збор за голем пожар, кој ги зафатил сите катови, почнувајќи од вториот па нагоре. На лице место работат 200 припадници на противпожарната служба. Екипи со апарати за дишење работат во екстремно тешки услови“, додал Котон.
Според последните информации, во пожарот кој избувнал околу 1,30 часот по полноќ по локално време има околу 50-ина повредени кои се згрижени во пет болници во Лондон.
Весникот The Guardian пишува дека во споменатиот станбен комплекс во моментов се изведувало големо рановирање во износ од неколку милиони фунти. Според неговите сознанија, станарите во комплексот уште од 2012 година предупредувале на сериозна опасност од пожар, имајќи предвид дека противпожарната опрема не била проверена повеќе од четири години, а една година подоцна иницијативна група извршила проверка и соопштила дека противпожарната опрема во техничките простории не биле во употреба околу една година.
Од крајот на минатата 2016 година станарите постојано се жалеле на прекини во снабдувањето со електрична енергија, што се должело на лошата состојба на инсталацијата и осветлувањето за итни случаи. Исто така, тие биле загрижени поради тоа што објектот во кој има 120 станови имал само еден излез за случај на пожар.
Според очевидци кои зборувале за Sky News од комплексот „не останало речиси ништо“ и постои опасност од целосно уривање.