Шефот на Грчката канцеларија за врски во Приштина, Димитрис Москопулос на министерот за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај му даде грчка виза, со што симболично Грција почна да става визи во косовските пасоши. Визите ќе важат за целата Шенген зона, освен Шпанија, соопшти Министерството за надворешни работи на Косово.
„На почетокот за граѓаните на Косово им издававме виза на посебен лист, но тоа создаваше конфузија. Министерот Хоџај минатата година беше во посета на грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос и побара визите за граѓаните на Косово да бидат во пасошите. Сега оваа виза е валидна за целата Шенген зона, освен за Шпанија“, изјави Москопулос.
Поздравувајќи го овој чекор на Атина, Хоџај рече дека и покрај фактот што „Грција не го призна Косово, меѓу двете земји постои многу добра институционална соработка“.
Министерството за надворешни работи во Атина на 14 март реагираше на критиките во грчките медиуми откако Венизелос со официјално писмо и дозволи на конзуларната служба на Грција да става визи и печати во пасошите на Република Косово, иако Грција не ја признава земјата.