Меѓународната коалиција предводена од САД во неделата соборила авиона на сириската армија во областа на Рака каде што изведувал операција против ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД) , соопшти министерството за одбрана во Дамаск.
„Нашиот авион беше соборен денеска напладне во близна на градот Рака кога изведуваше задача против Исламската држава“, соопшти сириското министерство за добрана. Според сириската армија, пилотот досега не е пронајден.
Според Дамаск, овој инцидент во кој коалицијата предводена од САД соборила сириски воен авион кој бил во операција против џихадистите, „уште еднаш“ потврдува дека „тие ги координираат своите дејствија со Исламската држава“.
„Со своите активности се обидуваат да ја попречат сириската армија и нејзините сојузници во борбата против тероризмот, истовремено кога нашата армија и сојузниците постигнуваат значителни успеси во таа борба“, се наведува во соопштението на сириското министерство за одбрана.
Од командата на меѓународната коалиција соопштија дека авионот на сириската армија ги бомбардирал позициите на опозициските сили кои ги поддржува Западот.
„Авион на сирискиот режим од типот ‘Су-22’ фрли бомба врз позициите на Сириските демократски сили (SDF). Во согласност со правилата за самоодбрана тој веднаш беше соборен од страна на американски ловец од типот ‘F/A-18E Super Hornet’“, се вели во коалициското соопштение.
По нападот на сириските војски, коалицијата предводена од САД стапила во контакт со претставниците на Русија за деескалација на ситуацијата, соопшти командата на коалицијата.