Српските војници ќе протестираат за повисоки плати

Српските војници планираат од септември масовни повеќедневни протести, бидејќи се назадоволни од платите, условите за работа и незаинтересираноста на српското Министерство за одбрана за нивните проблеми, најави претседателот на Воениот синдикат на Србија, Новица Антиќ во изјава за денешното издание на весникот „Данас“.

– Поради тешката финансиска состојба во текот на изминатата година српската армија ја напуштија 3.000 војници. Системот на одбраната на Србија во моментов се состои од 32.055 лица, а неоходни се најмалку 35.000, наведе Антиќ.

– Со оглед на тоа што лицата секојдневно ја напуштаат војската, таа бројка наскоро ќе биде помала. Министерството за одбрана не се интересира за овој проблем и поради тоа сме принудени да излеземе на улица, посочи Антиќ.

Тој објасни дека војниците ја напуштаат армијата поради малите плати и ужасните услови за работа.

– Месечно се работи од 350 до 500 часови за 260 евра. И прекувремената работа и ноќните смени не се плаќаат дополнително, истакна Антиќ.