
СДСМ и министерот за земјоделие Љупчо Николовски и имаат одговорност пред граѓаните и земјоделците да работат во нивен интерес и да ги решаваат нивните потреби и проблеми, истакна на денешната прес-конференција Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ.
„Мерката од 6 денари по килограм за предадена праска кај откупувачите во суштина значи никаква поддршка, откуп воопшто нема, а кога нема откуп тоа значи дека земјоделците не предаваат килограми праски за да добијат во посочениот период дополнителна поддршка. Преведено оваа мерка би имала ефект доколку воопшто има откуп“, рече Пемова.
Според неа, овоштарите имаат тешка година, прво погодени од пролетниот мраз, а сега се соочуваат и со проблеми и со откупот на овошките. Меѓутоа, заклучи претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно е дека и по неколку реакции на овоштарите од Росоман и Кавадарци, министерството и Владата немаат конкретно и издржано решение за нивниот проблем.
Пемова потсети дека ВМРО-ДПМНЕ по третпат го повикува министерот и СДСМ наместо со парцијални решенија и општи изјави по медиумите, веднаш да преземат четири основни чекори.
Овок предлог се состои прво во зголемување на субвенциите за поддршка за одржување на овошните насади за 2017 година за најмалку 50 отсто. Второ, државата да се вклучи во пронаоѓање на нови пазари за извоз на праски. Трето, додека македонските праски скапуваат имаме информации дека се увезуваат преку 1.200 тони евтини праски од соседството и државата итно да се вклучи во заштита на македонските земјоделски производи. И четврто Владата да излезе итно со одлука за 100% обештетување на штетите кај овоштарите. Вакви мерки беа носени во минатото со цел на земјоделците да им се излезе во пресрет и да им се помогне во надоместување на штетата.