Заев најавува енергетска соработка меѓу Македонија и Бугарија

Премиерот Зоран Заев, придружуван од владината делегација во Софија, во средата се сретна со Теменушка Петкова, министерка за енергетика на Бугарија и претставници на Бугарската асоцијација за гас.

Енергетиката е една од важните области за соработка за којашто има интерес од владите на двете земји да ја развиваат, посочил притоа Заев, а како што информираше владината служба за односи со јавноста, на средбата била изразена подготвеност за заеднички проекти за што ќе заеднички ќе се аплицира фондовите на Европската унија.

Во наредните седмици Македонија и Бугарија ќе договараат меморандум за развој на енергетиката, најавуваат од македонската влада. Притоа, како особено значајна била посочена изградба на нов конектор меѓу двата гасоводни системи.

Премиерот Заев, претходно, на брифингот со новинарите истакна дека Македонија и Бугарија со средбите на највисоко ниво, со премиерот Бојко Борисов и со претставници на владино и државно ниво во Софија, отвораат „ново златно поглавје” во меѓусебната соработка.

„Споделувањето заеднички културни вредности е само придобивка, и соработката меѓу Македонија и Бугарија ќе покаже како се унапредуваат добрососедски односи и се отвораат евро-атлантски перспективи и за Република Македонија, но и за регионот“, изјави на новинарскиот брифинг премиерот Заев.

Премиерот Заев ја заокружи посетата на Бугарија со средба со претседателката на бугарската опозициска социјалистичка партија БСП, Корнелија Нинова, којашто исто така ги поддржала реформските процеси и евро-атлантските аспирации на Македонија.