Романското парламентарно мнозинство му изгласа недоверба на премиерот Гриндеану

Владејачката романска левичарска коалиција гласаше во средата со големо мнозинство гласови за смена на шестмесечната влада на премиерот Сорин Гриндеану, со што се создадоа услови за формирање нова влада со стабилно мнозинство во текот на следните неколку седмици.

Пратениците изгласаа недоверба за премиерот Сорин Гриндеану со 241 гласови „за“ и само 7 „против“, една седмица откако владејачката Социјалдемократска партија (PSD) и нејзиниот коалициски партнер Алијансата на либералите и демократите (ALDE), кои располагаат заедно со 247 мандати, му ја отповикаа својата поддршка, обвинувајќи дека не спровел низа проекти од нивната програма.

Смената на Гриндеану ја соопшти претседателот на Сенатот, Калин Таричеану по гласањето кое ја зголеми вредноста на романската национална валута лејот.

Новиот премиер ќе биде номиниран, според најавите до крајот на седмицава. Неоспорно е дека PSD и ALDE и натаму ќе владеат.

Независните политички коментатори сметаат дека PSD најверојатно е незадоволна од неуспехот на Гриндеану со ублажување на антикорупцискиот закон претходно годинава, како и дека сакаат да го симнат од себеси неговиот товар за да осигурат некој друг премиер да ги заштити партиските припадници кои очекуваат обвиненија за корупција.

Романија е една од најкорумпираните членки на Европската унија, па нејзиниот правосуден систем во 2007 година е ставена под посебно набљудување на Брисел.

Во прашање се доведува иднината на челникот на PSD, Ливиу Драгнеа, кој доби двегодишна суспензија поради местење на гласовите, и против него се води одвоена постапка поради злоупотреба на положбата. Драгнеа на парламентарните избори кон крајот на 2016 година ги водеше социјалдемократите во надмоќна победа, но мораше да се откаже од кандидатурата за премиерската должност поради споменатите обвиненија.

Владата поради неодамнешната одлука на Уставниот суд мора да предложи граница за износот за финансиските штети кои ги извршиле политички функционери по кои тие стануваат кривични дела.

Владата на Гриндеану оваа година се обиде да декриминализира низа коруптивни престапи, што предизвика масовни улични протести во Романија, најголеми од падот на комунистичката влада на Николае Чаушеску во 1989 година. Владата беше принудена да ја повлече таа одлука, а министерот за правда Флориан Јордаче да поднесе оставка.