Либерална џамија во Берлин го предизвика гневот на исламскиот свет

Новоотворена либерална џамија во германската престолнина Берлин во којашто мажите и жените може заеднички да се молат, а жените не мора да бидат покриени со зарови и шамии наиде на гневни критики во исламскиот свет.

„Целосно е јасно дека станува збор за проект кој стои директно под влијанието на Ѓуленовото движење и сличните погубни организации“, соопшти централната турска исламска институција Дијанетот алудирајќи на движењето на имамот Фетула Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД и кој е обвинуван дека е под закрила на неолибералните политички струи.

Со тоа оваа џамија којашто ги носи имињата на исламскиот филозоф Ибн Рашид и германскиот книжевник Јохан Волфганг фон Гете се поврзува со Ѓулевистичкото движење коешто турските власти го обвинуваат за правењето паралелна држава во турското општество, како и за неуспешниот обид за воен преврат од 15 јули 2016 година.

Дијанетот, исто така, го критикува изведувањето на верските обреди во споменатата џамија во која мажите и жените, за разлика од вообичените муслимански храмови, престојуваат во иста просторија, а жените не ги носат традиционалните прекривала за лицето и главата.

„Со ова се кршат темелите на нашата вера“, се наведува во соопштението на Дијанетот во коешто се истакнува дека станува збор за „обиди да се сотре и уништи“ исламот. Турската верска организација, под чијашто надлежност се околу 2,5 милиони верници од турско потекло во Германија, на „браќата верници“ во Германија им порача „да не дозволат да бидат испровоцирани“.

Либералната џамија којшто ја иницираше познатата адвокатка и активистка за правата на жените од турско потекло Сејран Атес, е критикувана и од највисоката египетска верска инстанца Дар ал-Ифтаа, којашто преку својата фејсбук страница, којашто ја следат 18 милиони луѓе, порача дека за ткн либерлани џамии нема место во исламскиот свет.

„Жените не може да се молат заедно со мажите. На жените не им е дозволено да се молат без шамија на главата. Жена не може да биде оџа, доколку станува збор за џамија во којашто се молат мажи“, се наведува на профилот на споменатата влијателна во верскиот свет инстутиција.

Иницијаторката на берлинската либерална џамија Сејран Атес појаснува дека таа нема ништо заедничко со движењето на исламистичкиот проповедник Ѓулен.

„Ние за нив сме премногу либерални, тие се дистанцираа од нас“, изјави Атес за припадниците на Ѓулевистичкото движење во Германија. Вели дека насетува оти со поврзувањето со организацијата којашто во Турција е на листата терористички организации, се сака да се „отвори сезона на лов“.

Од отворањето на џамијата Атес поради повеќекратните смртни закани е под полициска заштита.

Пред една седмица на протестите на муслиманите против тероризмот во Келн се собраа значително помалку учесници од очекуваното, што се поврзува и со фактот што протестите ги осудија организациите кои стојат зад турската верска заедница, којашто е најбројната во Германија.