Висока делегација на АРМ ја посети Општина Прилеп

Командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), бригадниот генерал Зоран Милески, со клучниот персонал од командата реализираше дводневно командантско извидување во зоната на одговорност која го опфаќа југо-западниот дел од просторот на Република Македонија. Во состав на таа посета тие ја посетија и Општина Прилеп каде се сретнаа со претставници на локалната самоуправа.

Припадниците на АРМ освен локалната самоуправа во Прилеп посетија и повеќе други места и знаменитости во Општината. Едно од нив е и Паркот на Револуцијата каде почиваат коските на над 600 борци кои го дадоа својот живот за слободна и независна Македонија борејќи се против фашистичкиот окупатор. Инаку АРМ и Општина Прилеп во изминатиов период имаат одлична соработка која се состои во заедничко учество на повеќе настани, хуманитарни активности и помагање на населението при елементарни непогоди, како последните поплави кои го зафатија овој регион.

Како што истакнаа од АРМ целта на оваа нивна дводневна активност била извидување на воено-географските карактеристики на просторот на југо-западниот дел од Република Македонија, согледување и проучување на земјиштето и капацитетите на Армијата на Република Македонија, како и продолжување и продлабочување на соработката на Армијата на Република Македонија со останатите институции во земјата.

За време на извидувањето, освен во Прилеп, била опфатена посета и на дел од стратегиските воени објекти на АРМ и во други општини кои гравитираат во овој регион, а биле посетени и повеќе културно-историски и верски обележја.