Мицковски: Со зголемувањето на даноците, СДСМ удира по џебот на граѓаните и има намера да ги избрка странските инвеститори

Со зголемувањето на даноците СДСМ удира по џебот на граѓаните и има намера да ги избрка странските инвеститори, но исто така и да влијае неповолно на домашните инвеститори, и поради тоа ВМРО-ДПМНЕ силно ќе се спротивставувa на планот на СДСМ да ја менува даночната политика, односно да ги зголеми даноците, изјави за медиумите во понеделникот членот на Извршниот коите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Мицковски рече дека министерот Тевдовски со најавата дека ќе ги зголеми даноците врши силен негативен удар врз економијата во државата, но и директно удира по џебот на граѓаните.

„Програмата на Владата предводена од СДС вели дека ќе се воведе персонален данок на доход со две променливи стапки од 10 и 18 отсто. За волја на вистината СДС сакаат да го зголемат данокот за граѓаните и бизнис заедницата за цели 80 прценти. Сакаме да предупредиме и да изразиме загриженост дека оваа анти-реформа при која ќе се зголемат даноците ќе ја врати Република Македонија 20 години наназад. Да потсетиме дека во минатото СДС и пред 2006 година имаа неуспешни обиди за зголемување на даноците со променлива стапки од 15, 18 и 24 отсто, кои се покажаа како кобни и ја втурнаа во пропаст македонската економија“, рече Мицковски.

Зголемувањето на даноците, нагласи Мицковски, ќе значи сериозен удар врз приватниот сектор без разлика на домашните и странските компании.

„Од оваа анти-реформа никој ништо не добива, а сите губат. Ќе се намали интересот за инвестирање во државата, ќе паднеме длабоко на дното на листата на Дуинг Бизнис, домашните компании ќе бидат неконкурентни поради зголемените трошоци па ќе бидат принудени да ги намалат инвестициите, а со тоа и бројот на ефективни работни места. Сето ова ќе резултира со енормно намален економски раст. Ќе се зголеми невработеноста и ќе има прекин на отворањето нови работни места, а најважно ќе царува даночната евазија и ќе се врати сивата економија како пред 2006-та“, рече Мицковски.

Како држава, нагласи тој, ќе станеме неатрактивни за водење бизнис.

„Во моментов благодарение на отворените политики на Владата која беше предводена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Република Македонија има најниски даноци во светот, со ефективна даночна стапка од 7.4 отсто. Во 2006-та имајќи ја во предвид неуспешната и погубна даночна политика на високи даноци на СДС, ги намаливме даноците и воведовме единствена стапка од 10 отсто персонален данок на доход и данок на добивка. Исклучително задоволни беа граѓаните но и бизнис заедницата бидејќи плаќањето даноци се поедностави во однос на пресметката и малите трошоци за фирмите . Граѓаните не очекуваат зголемени даноци граѓаните очекуваат реализирање на ветувањата кои СДС ги даде пред изборната кампања. Очекуваат 16.000 денари минимална плата, 30 000 денари просечна плата, да отворат нови 64.000 работни места, нови 500 км автопат, нови електроенергетски објекти, 100.000 денари плата за докторите и така натаму. Не очекуваат зголемување на даноците“, изјави Мицковски.

Нагласи дека граѓаните од СДС очекуваат да го реализираат ветеното во периодот на предизборието.