Ѓорѓиевски: Вицепремиерот Анѓушев мора да спречи сомнителен странец да дојде на чело на ЕЛЕМ

Вицепремиерот Кочо Анѓушев ќе има подеднаква одговорност како и неговиот премиер Зоран Заев, доколку не спречи владата прдводена од СДСМ да именува мешетар и неуспешен кадар од Србија по итна постапка за директор на најбогатата државна фирма ЕЛЕМ, порача во понеделникот Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој го повика вицепремиерот Кочо Анѓушев „да не молчи и да не изигрува безгласна буква во Владата“, туку како познавач на темата енергетика да искаже цврст став и да спречи еден ваков сомнителен лик кој во Србија го поврзуваат со промашени тендери, луксузи и неодговорност да стане директор на столбот на македонскиот енергетски систем.

„Кочо Анѓушев треба да застане на страната на македонската професорска и експертска фела од областа на енергетиката, бидејќи именување на српски државјанин кој е набркан од раководна функција на Електропривреда на Србија е само девелвација на нивното знаење и искуство“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што оцени Орце Ѓорѓиевски, премногу е сериозно Анѓушев сега да молчи и да остава една ваква позиција да биде дел од обичен политички пазар.

„Доколку молчи тогаш и тој ќе биде одговорен за последиците од еден ваков скандалозен потег на владата на Заев. Со молкот на Анѓушев стравот на граѓаните станува се поголем дека именувањето на еден лик од типот на Александар Обрадовиќ има за цел да го доведе ЕЛЕМ до дереџе од кое единствен излез ќе биде приватизацијата“, рече Ѓорѓиевски.

Предупреди дека со ваквиот потег на Заев, македонските хидроцентрали и термоелектрани, 4.800 вработени и 98 отсто од домашното производство на електрична енергија ќе бидат доведени во прашање.