Илиоски: Заев мора да објасни а МАНУ да реагира на негаторските напади од Бугарија

Многу дилеми прозилегуваат од нетранспарентноста на Зоран Заев во врска со најавениот договор за добрососедство со Бугарија што го вознемирија македонскиот народ, вклучувајќи ги и членовите на ОМО Илинден кои жестоко реагираа заради тоа што биле заборавени и игнорирани од страна на сегашниот македонски премиер, рече во вторникот Зоран Илиоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, и побара од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) да реагира на изјавите коишто доаѓаат од Софија во врска со македонскиот идентитет

Илиоски истакна дека, според најавата од страна на Заев, останува помалку од еден месец до потпишувањето на договорот со Бугарија, кој го најави премирот во Софија при неговата средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, а македонскиот народ нема никаква информација што содржи договорот.

„Единствено се познати контурите кои ги спомена Заев, а тоа е бришење на учебниците и согласноста дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја. Што ќе се брише од учебниците по историја, дали Македонија во минатото имала своја сопствена историја и дали македонскиот јазик и официјално ќе биде признаен, останува енигма“, рече Илиоски

Посочи дека ваквите дилеми се проивод од нетранспарентноста на Заев и оти тие предизвикуваат вознемиреност меѓу мкедонскиот народ, вклучувајќи ги и членовите на здружението на Македонците во Бугарија – ОМО Илинден кои жестоко реагираа заради тоа што биле заборавени и игнорирани од страна на Заев.

„Овие дилеми ги разбудија и духовите во Бугарија кои целосно го негираат постоењето на Македонија и македонскиот народ. Тие веќе го протолкуваа договорот како ставање крај на македонизмот, а сиот овој атак не само што не беше демантиран, туку беше премолчен од институциите предводени од СДС“, забележа членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Се наврати на изјавата од Божидар Димитров, директор на Националниот историски институт од Бугарија во која рече дека ниту МАНУ не смее да има став за договорот, особено за две точки од кои едната е менување во учебниците по историја.

„Образложението на Димитров е дека академиците знаеле дека Заев ќе ги избрка од работа ако тргнат против него, па затоа наместо да ја бранеле државата и државните интереси си ги пазеле местата. Според Димитров во МАНУ седеле луѓе кои кога ќе им дадеш пари ќе се пишат Бугари, па затоа не ги коментираат, ниту пак имаат став по однос на договорот со Бугарија“, посочи Илиоски.

Рече и дека МАНУ мора да реагира и да покаже дека не е приврзок на Заев.

„МАНУ мора да излезе со став и околу договорот кој Заев има намера да го склучи со Бугарија. Молкот на МАНУ за вака суштински прашања, отвора простор за нови напади и нови омаловажувања“, апелираше Илиоски.

Истакна и дека на ваквите напади мора да реагира и Министерството за надворешни работи, бидејќи во прашање е угледот на државата и на врвната научна институција.

„СДС најавуваше дебата по сите прашања, а сега целата јавност е сведок на нетранспарентност и затвореност за прашања кои длабоко задираат во историјата и идентитетот на Македонскиот народ. СДС нема ниту морално право, ниту мандат надвор од очите на јавноста, во четири очи да одлучува за вакви прашања“, потсетија од ВМРО-ДПМНЕ.