Николоски прашува како владата на Заев мисли со фалсификати да спроведува реформи неопходни за ЕУ

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, откако новата влада го блокираше неговото поставување за Амбасадор и шеф на Мисијата на Република Македонија во Европската унија, на својот профил на Facebook објави материјали коишто покажуваат сторени фалисфикати кои треба да го оневозможат неговото именување на  должноста во Брисел.

nikoloski640

„Ги повикувам Владата на Република Македонија и МНР да и одговорат на јавноста зошто донеле незаконски заклучок и зошто е направен фалсификат во датумот на прием во МНР? Ако се во право, зошто направиле фалсификат?“, пишува на својот ФБ профил поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски откако новата влада го блокираше неговото поставување за Амбасадор и шеф на Мисијата на Република Македонија во ЕУ.

Falc-datums

„Почитувани, иако во моите претходни реакции споменав дека одговорот на сите прашања лежи во почитувањето на Уставот и Законот за надворешни работи, за жал Владата на Република Македонија директно ги прекршила истите, а МНР направило и фалсификат. Имено во желбата политички да се блокира моето поставување за Амбасадор и шеф на Мисијата на Република Македонија во ЕУ, Владата одржала затворена седница на која донела заклучок за прекинување на постапката за именување. Заклучокот кој во интерес на јавноста го ставам на увид е спорен од неколку аспекти“.

Николоски наведува во документот не е цитиран ниеден член на Законот за надворешни или Уставот по кој е донесен. „Причината е многу едноставна- таков член нема! Никаде во законот не е пропишано дека може да се прекине завршена постапка“, констатира поранешниот пратеник.

„Донесен е само заклучок без одлука. Одлуката треба да ја потпише Премиерот, веројатно свесни дека го кршат законот товарот го префрлаат на Генералниот Секретар.

До денес ни Владата ни МНР писмено ме нема информирано за нивните активности, веројатно од причина што се незаконски.
Најголемиот скандал – датумот на прием на записникот во МНР. Направен е фалсификат! Со пенкало бројот 20 е заменет со бројот 19, за приемниот датум да биде 19ти Јуни, а не 20ти Јуни. Зошто им била потребна оваа работа само во Министерството за надворешни знаат“, се наведува уште во статусот на Николоски.

Тој ги повикува Владата и Министерството за надворешни работи, во прв ред, да ѝ одговорат на јавноста од кои причини донеле незаконски заклучок и зошто е направен фалсификат во датумот на прием во МНР? Ако се во право, зошто направиле фалсификат?

„Исто така, ги повикувам да престанат да го уриваат угледот на Република Македонија во Европската Унија, да престанат со несериозниот однос и желбата за теснополитички пристап во надворешните работи. Како со кршење на Уставот и законите, како со фалсификати Македонија ќе спроведува реформи и ќе се приближува до ЕУ?

vlada

Ако Македонија во ЕУ е наша заедничка цел оваа игранка која носи само уривање на угледот на државата во ЕУ треба да заврши ден поскоро и заеднички со одговорен пристап да се посветиме на приоритетите. Почитувањето на законите, а не нивното кршење, правилните одлуки, а не фалсификатите се вистинскиот европски пат“, заклучува Николоски.

Николоски и претходно во јуни реагираше, со цел да укаже дека „одговорите на сите прашања лежат во Уставот на Република Македонија и Законот за надворешни работи”. „Почитувањето на истите нема алтернатива. Исто така, врвен приоритет за Македонија е да се подобри нејзиниот углед во ЕУ што би го олеснило интегративниот процес, а тој углед во Брисел можеме да го подобриме само со широк политички и општествен консензус, а не со политикантски препукувања“, истакна тогаш Николоски.