Минатата година се започна со истражување на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, тумба што се наоѓа во северната половина на Пелагонија, односно меѓу селата Славеј и Врбјани во рамки на општина Кривогаштани. Истражувања дадоа одлични резултати за просторната организација на неолитската населба, како и за стопанството, општествениот живот и верувањата на првите земјоделци во овие краишта.
Резултатите се публикуваа во научно списание, со што се афирмираше фактот дека Врбјанска Чука била специфична неолитска населба и имала клучна улога во појавата и развитокот на земјоделството во овој дел од Македонија.
Тоа го потикна научниот тим да ги продолжи истражувањата и оваа година, со тоа што покрај стандардните археолошки ископувања, фокусирани на веќе откриените неолитски куќи и средновековните слоеви, паралелно ќе се вршат и археоботанички, зооархеолошки, ихтиолошки, антраколошки, геоархеолошки и паленолошки анализи, а ќе се изведе и датирање на населбата преку AMS методот.
Со тоа не само што ќе се добијат податоци за архитектурата и материјалната култура на неолитските земјоделски заедници, туку и темелно ќе се реконструираат нивната исхрана, животинскиот свет и природната околина, како и времето во кое тие живееле.
Во истражувањата се вклучени стручњаци од повеќе научни области и земји, така што овој проект претставува меѓународна соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Институтот за старословенска култура, Заводот и музеј – Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс. Со оглед на комплексноста на проектот, тој е подржан од Швајцарската национална фондација за наука, Министерството за култура, Општина Кривогаштани, Универзитетот на Јужна Бохемијa и Институтот Биосенс.
Покрај темелните научни резултати, ваквата меѓународна соработка ќе овозможи и поширока презентација на предисториското културно наследство од Македонија. Како и минатата година, и овој пат добиените резултати ќе се публикуваат во неколку научни списанија и ќе се презентираат на повеќе конференции во Европа.